АПСУРД: Никој не сака да им издава соби на туристите кај Колешинските и Смоларските водопади
Годишно околу 50.000 луѓе ги посетуваат
Колешинските и Смоларските водопади, но од Општината Ново Село велат дека
локалните жители не се заинтересирани да издаваат соби за туристи, за што се
трудат да ги мотивираат.
Од Општина Ново Село велат дека најголем дел од посетителите се домашни гости, но има и бугарски туристи. Додаваат дека во помал број има Холанѓани, но тие претежено ги посетуваат водопадите во рамки на тури низ Македонија.
„Локалното население сакаме да го анимираме да издава соби. Услови за тоа има, има убави, средени куќи, но луѓето повеќе ги интересира печалба. Девет месеци во годината има гости, од пролет, откако ќе затопли времето, па до октомври. Доаѓаат и ученици на екскурзии. Бројот на туристи со годините се зголемува. Ова не може да биде масовен туризам, но како рурален, алтернативен туризам може да функционира. Тука може да се посетат и Мокринските извори, кои се атракција и локалитетот Пирго, кој на грчки значи кула“ - велат од Општина Ново Село.
Додаваат дека до водопадите ја подобриле инфраструктурата, изградиле патеки, а има и осветлување, со што и навечер може да се посетуваат овие две места.
Од локалната самоуправа велат дека наскоро сместувачките капацитети ќе се зголемат, со тоа што еден ресторан веќе има соби за издавање, а се гради и хотел.
Лилјана Цветкова која во селото Колешино има куќа, потврдува дека навистина мештаните не се заинтересирани за издавање на соби, туку се фокусирани на земјоделство.
„Јас имам куќа која е на 10 минути од водопадите. Куќата е убава, голема, и едноставно „плаче“ за издавање, но јас сум принудена да ја продадам, затоа што живеам во Скопје, а кога би ја издавала би морала да бидам таму, да ги пречекам гостите, дали ќе бидат за 2,3 дена, викенд, сепак тоа е обврска. Јас не сум во можност тоа да го правам, затоа што имам 62 години, имам и здравствени проблеми и затоа решив да ја продадам куќата“ - објаснува Цветкова.
Смоларскиот водопад е единствен постојан водопад во Македонија со пад на водата од 39,5 метри. И Колешинскиот се вбројува во еден од највисоките водопади во земјава. Смоларскиот водопад е на 600 метри надморска височина, а Колешинскиот на 500 метри надморска височина.
Сања Атанасовска