Економија, финансии, бизнис

Контакт

Апелација ја зголеми отштетата за Зијадин Села на 7,8 милиони денари за нападот од 27 април

Апелација ја зголеми отштетата за Зијадин Села на 7,8 милиони денари за нападот од 27 април

Апелациониот суд Скопје донесе правосилна пресуда со која делумно ја уважи жалбата на Зијадин Села и ја зголеми отштетата што државата треба да му ја исплати за нападот во Собранието на 27 април 2017 година.

Наместо претходно досудените 5,5 милиони денари, со новата пресуда Македонија ќе треба да му исплати 7,8 милиони денари како надомест за нематеријална штета поради повреда на личните права, телесното и душевното здравје.

Според Апелациониот суд, првостепениот суд не ја оценил целосно тежината на повредите и сите околности што влијаат врз определувањето на правичен надомест. Судот оценил дека претходно досудениот износ не ја одразувал сериозноста на последиците што ги претрпел Села.

Од вкупниот износ од 7,8 милиони денари, судот му досуди:

  • 1.500.000 денари за претрпени физички болки;
  • 900.000 денари за претрпен страв;
  • 3.000.000 денари за душевни болки поради намалена општа животна активност;
  • 600.000 денари за душевни болки поради нагрденост;
  • 600.000 денари за повреда на личното достоинство;
  • 600.000 денари за повреда на честа;
  • 600.000 денари за повреда на угледот.

На износот ќе се пресметува и законска затезна камата од 1 јуни 2023 година до денот на целосната исплата.


Апелациониот суд ја одбил жалбата на Државното правобранителство, кое барало укинување на пресудата и повторување на постапката. Воедно, делумно ја прифатил жалбата на Села, но го одбил неговото барање за исплата на дополнителен надомест над 7,8 милиони денари.

Во тужбата Села побарувал вкупно 61 милион денари.


Во образложението на пресудата се наведува дека на 27 април 2017 година Села бил брутално нападнат во Собранието од повеќе лица, при што се здобил со тешки телесни повреди опасни по живот. Според утврдените факти, тој бил удиран со тупаници, клоци и тврди предмети, а потоа во бесвесна состојба бил пренесен на лекување.

Судот се повикал на претходните правосилни кривични пресуди за нападот, како и на медицинските вештачења, според кои кај Села останале трајни физички и психички последици, вклучително посттрауматски симптоми, намалена животна активност и долготрајни душевни страдања.

Со пресудата, Република Македонија е задолжена да ги плати и трошоците на постапката во износ од 210.715 денари.


Слично

Поврзани вести