Апелација ја потврди еднoгодишната затворска казна за Стевчо Јакимовски, тој се јави со реакција
Апелацискиот суд Скопје ја потврди едногодишната затворска казна за ексградоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, во предметот за изградбата на општинската зграда во Карпош.
Од Судот соопштија дека постапувајќи по жалбите на обвинетите и на надлежниот јавен обвинител, е донесена второстепена пресуда со која е потврдена првостепената одлука за кривичното дело бесправно градење, за кое на Јакимовски му е изречена казна затвор во траење од една година.
Во изречената казна ќе му биде пресметано и времето поминато во куќен притвор во периодот од 19 март до 15 август 2019 година.
„Второстепениот суд, постапувајќи по жалба на обвинетите и на надлежниот Јавен обвинител донел пресуда според која, пресудата против обвинетиот С. Ј., поранешен градоначалник на општина Карпош, за кривичното дело – бесправно градење, за кое дело му е утврдена казна затвор во траење од една година се потврдува, а во изречената казна затвор му се засметува и времето минато во куќен притвор од 19.03.2019 год до 15.08.2019 година“, се вели во соопштението од Кривичниот суд.
Со оглед дека во казната се пресметуваат околу пет месеци поминати во куќен притвор, на Јакимовски му остануваат за издржување уште околу седум месеци затворска казна во Казнено-поправната установа во Шуто Оризари.
Апелацискиот суд ја уважи жалбата на Јакимовски во делот што се однесува на обвинението за злоупотреба на службена положба и овластување, поради што предметот во тој сегмент се враќа на повторно судење.
Делото се однесува на периодот од 2011 до 2017 година, а согласно законските рокови, кривичното гонење за него би застарело во 2027 година.
Во однос на второобвинетиот Т. Ѓ., Апелацискиот суд ја укинува условната осуда изречена со првостепената пресуда и предметот го враќа на повторно постапување.
Од Основниот кривичен суд Скопје појаснуваат дека укинатиот дел од предметот ќе биде распределен кај нов судија, бидејќи тој што досега постапувал веќе не е распореден во Одделот за организиран криминал и корупција.
Делот од предметот во кој е потврдена затворската казна за Јакимовски ќе биде доставен до судија за извршување санкции за понатамошно постапување.
Јакимовски денеска изјави дека во оваа ситуација е виновен за да биде спречен да се кандидира на повторните избори за градоначалник на Општина Карпош.Градоначалникот на Карпош, Сотир Лукровски е на боледување.
„Повеќе од очигледно е дека лицето што беше избрано за градоначалник на Општина Карпош направи нешто што е незапаметено во историјата на Македонија, го напушти своето работно место и му се губи трагот, и сега власта бара чаре како да се справи со евантуалниот пораз во Општина Карпош. Нивниот рејтинг во Карпош е мал, преповолен е бројот на гласови и тоа е основна причина зошто сум виновен. Од сите страни добивавме информации дека предметот се укинува и се враќа на повторно одлучување во Основиот суд. Ова е сега нешто ново, направено под притисок. Знам дека судиите работат под притисок и очекувам дека Врховниот суд ќе ја отфрли оваа политичка пресуда. Ова е доказ дека ние имаме диктаторски режим којшто се пресметува со своите. Сакам да му порачам на премиерот Мицкоски следново ‘кој си игра со меч, од меч ќе загине’“, рече Јакимовски.
Премиерот Христијан Мицкоски деновиве рече дека здравствената состојба на Лукровски бара тој да мирува.
фото Фејсбук
