Апасиев: Со Законот за безбедносна зона ќе можеда се протестира пред Собрание
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, вели дека со Законот за безбедносна зона ќе може и понатаму да се протестира пред Собранието.
Сите пратенички групи во Собранието се согласија просторот околу Собранието да го прогласат со закон за безбедносна зона со што ефективно ќе треба да бидат забранети протестите пред законодавниот дом. И плус ќе биде забрането да се гради околу него, што значи дека ќе отпадне и катната гаража на приватниот инвеститор што требаше да биде залепена околу зградата.
Во Собранието пристигна предлог-закон за прогласување на просторот за безбедносна зона, поднесен по скратена постапка од седум пратеници. На тој предлог се потпишани Африм Гаши, Никола Мицевски, Оливер Спасовски, Борислав Крмов, Блерим Беџети, Весна Бендевска и Блерим Ќоку.
Дополнителна причина за носењето на ваков закон е што една парцела во непосредна близина на Собранието пред 12 години стана сопственост, односно беше купена од а компанијата „Анго“ која на неа требаше да гради катна гаража. По години никаква активност на терен од страна на компанијата, изградбата на катната гаража се актуелизираше во втората половина на минатата година.
Апасиев сега вели дека со ова законско решение таа парцела повторно „ќе се национализира“.
„Ај да не бидеме незрели и наивни...Целта на Законот за безбедносна зона околу Собранието е да му ја НАЦИОНАЛИЗИРАМЕ приватната парцела на клиентот на Панче Тошковски (вмровска фирма која у време грујово си го "купила" тревникот позади парламентот кај Дом на АРМ, сакајќи да гради лепенка) - а не да се забрануваат протести!
Согласно котите, булеварот пред Собрание си останува слободен за ПРОТЕСТИ. Не наседнувајте на секој спин, новинарска патка и "кромид вест", мајке ми. Проверете. Прочитајте“, објави пратеникот на социјалните мрежи.
Законот, кој веќе влезе во втората фаза на читање, предвидува сериозни ограничувања во периметарот околу законодавниот дом, вклучувајќи и забрана за протести, јавни собири и летови со дронови, како и градежни активности и поставување инфраструктура во дефинираниот безбедносен простор.
Иако прилогот „околу“ алудира на комплетен прстен околу Собранието што би ги опфатило и улиците пред објектот каде што се одржуваат граѓански протести, странично и зад објектот, уличката што води кон Управен суд (поранешно МНР), потписниците на законот од опозицијата уверуваат дека се мисли само на просторот до Собранието, каде што и досега не се протестираше.
