АПАСИЕВ ПОВТОРНО СЕ ЗАДЕВА СО ШИЛЕГОВ: Ќе се кандидирал за втор мандат? Мојата алфа има поголем рејтинг
Продолжува вербалната војна меѓу лидерот на Левица, Димитар Апасиев, и скопскиот градоначалник, Петре Шилегов.
Апасиев денеска на својот фејсбук профил напиша дека неговата Алфа, односно возилото што му беше одземено од Пајак службата на Град Скопје, имала поголем рејтинг од Шилегов.
„ШИЛЕГОВ ќе се кандидирал за втор мандат!? О, Боже. Па Алфата моја има поголем рејтинг од крадоначалников“, напиша Апасиев на фејсбук во негов стил.
Ова следува откако неодамна, скопскиот градоначалник Петре Шилегов најави дека сака да се кандидира за уште еден четиригодишен мандат на следните локални избори. Тој рече дека ќе бара поддршка од матичната партија СДСМ за неговата кандидатура.
Инаку, во изминатиоот период буквално не престана јавното препукување меѓу скопскиот градоначалник Петре Шилегов и лидерот на левица Димитар Апасиев. Темата беше паркирањето и пајак службата на град Скопје, а откако беше подигнато и возилото на Апасиев.
Апасиев тврдеше дека ист член од закон до пред една година бил толкуван различно кога паркинг местата на жителите во една зграда се во прашање.
А приказната почна откако Апасиев објави дека скопската пајак служба „работи во спрега со урбаната мафија“. Од кабинетот на градоначаникот Петре Шилегов испратија соопштение и фотографија со казната на Апасиев.
„Град Скопје со индигнација ги отфрла клеветите на пратеникот Димитар Апасиев, дека „Скопската пајак служба работи во спрега со урбаната мафија“. Градот работи исклучиво во корист на граѓаните и за заштита на јавниот простор. Жителите на општина Аеродром имаат воведено зонско паркирање и можат да паркираат до три автомобили по симболична годишна такса. Пратеникот паркирал автомобил на улица блокирајќи го протокот на сообраќај и непрописно паркираниот автомобил бил отстранет од службите. Градскиот паркинг постојано добива пријави од граѓани за блокирани тротоари и коловози и постапува по пријавите во согласност со законот, стои во соопштението.
