АПАСИЕВ „КРОИ“ НОВ ЗАКОН - „апанажа“ да им следува и на работниците, а не само на пратениците и функционерите
Пратеникот Димитар Апасиев, лидер на Левица, најавува дека неговата партија ќе предлпожи законско решение со кое, како што вели, „апанажа“ ќе им следува и на работниците, а не само на пратениците и на другите избрани функционери, откако ќе заврши нивниот работен однос.
Ова следува откако вчера мнозинството народни избраници не го прифати предлог законот на Левица, предложен од двајцата пратеници на таа партија, Димитар Апасиев и Борислав Крмов, со кој се бараше да се укине апанажата на пратениците и на другите функционери, бидејќи, како што објаснија во текстот на предлог законот, со тоа се ставаат во нерамноправна положба другите работници, на кои по отпуштањето од работа, им следува многу помал надомест од државата, но и во траење од пократок период, а за да ја добијат таа државна помош треба да исполнат и многу други предуслови.
За овој нивни предлог гласале „за“ само 16 пратеници, но мнозинството народни избраници не се охрабри да поддржи укинување на нивната привилегирана положба.
„После одбивањето на предлогот за укинување на АПАНАЖАТА за функционерите, Левица ќе предложи воведување на "апанажа" и за работниците кои останале без работа. Веќе работиме на предлог-законот...“, напиша Апасиев на својот фејсбук профил.
