Апасиев: Имавме конструктивна средба со Силјановска
Гордана Силјановска Давкова, кандидатката за претседател на Македонија, одржа средба со президиумот на „Левица“ и побара поддршка од ова вонпарламентарна партија пред вториот круг од претседателските избори на 5 мај.
- Во Левица јас сум опкружена со поранешни студенти, јас сум им била професорка, меѓу нас нема преправање.Тука сме да се соочиме со аргументи, со кредибилитет, со луѓе кои не се забораваат, се помнат иако сме поминале многу генерации. Може да се договориме околу клучните прашања. Тие имаат процедура, органи и ќе си одлучат сами. Разговаравме за она со што се соочува Македонија. Знаеме што кажа Хојт Ји, француската амбасадорка, што чувме од Берлин. Доаѓа крајот на политичките глумци, рече Силјановска по средбата.
Димитар Апасиев, правниот застапник на „Левица“ рече дека имале конструктивна средба со Силјановскја а за два дена ќе соопштат дали отворено ќе ја поддржат.
- Имавме конструктивна средба. Заземавме анти-бојкот позиција. Во вториот круг беше побарана средба, ние ја одобривме таа средба со Силјановска. Сме биле на иста политичка линија со професорката уште од времето на Груевски во професорскиот пленум, а потоа и против Преспанскиот договор. Не поврзува отпорот кон Преспанскиот договор и правните механизми што може да се извлечат од институцијата претседател на Македонија. Засега сме само на анти-бојкот позиција, а ќе видиме дали ќе ја поддржиме отворено, рече Апасиев.
Тој додаде дека тоа што порано бил советник на СЈО не значи дека ќе биде и советник во кабинетот на Силјановска доколку таа победи на изборите.
- Тоа се шпекулации дека би бил советник во кабинетот на Силјановска. Заев ми понуди да бидам пратеник, па не прифатив. Имаше и шпекулации дека Мијалков ми купил стан, а Мицкоски автомобил, додаде Апасиев.
Претходно еден од највлијателните членови на „Левица“, Здравко Савески, кој е исклучен од партијата по судирот со Апасиев напиша дека тој веќе е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.
„Паднаа маските! Пред изборите кажавме дека Апасиев изврши пуч во Левица преку фалсификување документи за Левица да ја поддржи Силјановска на изборите, а Апасиев потоа да фати некоја фотелја. И, како што гледаме, Апасиев почна да одработува за фотелјата“, напиша Савески кога започна средбата помеѓу Силјановска и Апасиев.
