АПАСИЕВ И НЕГОВАТА ПАРТИЈА ТВРДАТ: И според Преспанскиот договор, во свечените изјави треба да стои Република Македонија, а северна слободно да си го користите по штабови
Со објава од извесен твитер профил, „Никој не ви брани по штабовите да си користите северна“, лидерот на Левица, Димитар Апасиев, укажува дека советниците од неговата партија немаат намера да го користат новото уставно име на земјава, Република Северна Македонија.
Тој пушта и една објава на фејсбук, дел од Преспанскиот договор, со која сака да укаже дека и со тој договор, советниците немаат обврска да го користат старото име.
Еве го делот од договорот што го објавува Апасиев.
„Политичкиот“ преоден период ќе се однесува на сите документи и материјали, коишто се исклучиво за внатрешна употреба во Втората страна. Издавањето на ваквите документи и материјали кои се опфатени со оваа категорија во согласност со став 1, член 3, ќе започне при отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со Европската унија и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш“, се вели во делот од овој документ кој го пренесува Апасиев.
Тој споделува и објава од политичката организација Ленка.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, вчера, откако побара брзи предвремени парламентарни избори, кажа дека Преспанскиот договор е реалност која на неговата партија и на голем дел од граѓаните, не им се допаѓа. Но, како што нагласува, доколку не се почитува таа реалност во рамките на административното функционирање на институциите, тогаш ќе се појават проблеми со обвинителството и судството.
„Ние функционираме во оваа реалност. Оваа партија има пратеници во рамките на Собранието, потпишале изјава тие пратеници со новата изјава. Кој ја донесе таа нова реалност? Зоран Заев ја донесе и ние сме се произнеле по таа реалност многу пати во минатото. Еве, како што велите и вие, дел од градоначалниците коишто се избрани од коалицијата „За обнова на Македонија“ и се дел од ВМРО-ДПМНЕ се произнесуваа. Дали таа реалност ни се допаѓа? Не, не ни се допаѓа, еве ќе ви кажам дека не ни се допаѓа. Но, доколку не се почитува таа реалност во рамките на административното функционирање на тие институции тогаш ќе имаме проблем со други истанци – обвинителство, судство итн. Дали ќе работиме таа реалност еден ден кога ќе имаме можност да се промени јас ви кажувам да, работиме. Но, во моментот таа е реалноста во која што функционираме сите ние како жители во Македонија и таа реалност е таква болна, понижувачка за сите нас коишто ја чувствуваме Македонија и само Македонија како наша татковина“, рече на денешната прес-конференција Мицкоски на новинарско прашање дали ако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт ќе го почитува Преспанскиот договор.
