Економија, финансии, бизнис

Контакт

АПАРАТИ ЗА МАГНЕТНА РЕЗОНАЦА ИМА, А ПАЦИЕНТИТЕ ЧЕКААТ СО МЕСЕЦИ ДА ДОЈДАТ НА РЕД: Каде е проблемот?

АПАРАТИ ЗА МАГНЕТНА РЕЗОНАЦА ИМА, А ПАЦИЕНТИТЕ ЧЕКААТ СО МЕСЕЦИ ДА ДОЈДАТ НА РЕД: Каде е проблемот?

Стара е болката на граѓаните во Македонија на кои им е потребна дијагностика со магнетна резонанца. За да се дојде на ред во некоја од јавните здравствени институции каде има ваков дијагностички апарат се чека и по неколку месеци. Голем дел од нив, на кои им треба веднаш, одат во приватните институции каде снимањето на магнента резонанца ги чини најмалку 6.000 денари во зависност од тоа што треба да снимаат. Иако бројот на апарати за магнетна резонанца во 2022 година е двојно поголем за разлика од 2017, од седум апарати на 14, обемот на услугите е речиси ист.

Државниот завод за ревизија во најновиот извештај нотира дека и покрај остварениот напредок во поглед на обезбедување на седум нови покрај постојните осум апарати за МР во јавното здравство во последните три години, истите не се доволно искористени, а донесените политики и преземените мерки и активности од надлежните институции и здравствените установи не секогаш обезбедуваат достапни и квалитетни здравствени услуги со МР за осигурениците.

-Годишниот просек на извршени 2.800 услуги по апарат, е под просекот на европските држави кој се движи од 4 до 9 илјади снимања годишно по апарат.  Најинтензивно користење на апаратите за МР се врши во КБ Битола, УИ за радиологија и ЗД Скопје, додека најниска искористеност има апаратот во КБ Тетово. Во електронската листа објавени се вкупно 110.466 слободни термини за МР, од кои се закажани 83%, а искористени 56% односно извршени се 61.987 прегледи за кои е издаден специјалистички извештај, констатираат ревизорите.

Апаратите во дефект, немање на кадар, помал број на термини

Постојат значајни отстапувања на бројот на објавени термини во однос на пропишаните, а во повеќе месечни периоди воопшто не биле објавувани или биле објавувани значајно помал број на термини како резултат на дефекти на апаратите за МР и намален расположлив кадар, како и поради Ковид 19 кризата во 2020 и 2021 година. Воспоставена е пракса за неосновано и неоправдано упатување за снимање со МР од страна на специјалистите, за што од Министерството за здравство не се преземени мерки за санкционирање. Ваквите состојби влијаат осигурениците не секогаш да можат да добијат термин за преглед и да ги остварат правата од задолжителното здравствено осигурување во јавното здравство, поради што, не ретко користат услуги во приватното здравство, за кои пак надлежните институции немаат податоци.

Голем проблем е, како што утврдуваат ревизорите, и тоа дека опремувањето на одделите за радиолошка дијагностика во ЈЗУ со нови радиолошки апарати, во последните три години е направено без соодветна анализа и координација во поглед на обезбедување на потребниот обучен стручен кадар и истите се недоволно искористени, а еден дониран апарат воопшто не е ставен во употреба. Постојат значајни разлики во набавната вредност на апаратите за МР, набавени на различен начин во различен период за различни ЈЗУ, имајќи ги предвид моделот и јачината на магнетно поле на апаратите.

-Само во три ЈЗУ се вршат снимања со МР за сите видови дијагностики, а во останатите поради недоволно обучен кадар и/или неисправни коили (антени) се вршат само одредени снимања, додека снимање на доенчиња и мали деца се врши само во две ЈЗУ кои имаат обучен кадар. Дел од ЈЗУ немаат воспоставено ПАКС систем, поради што нема комплетна архива на МР снимки и не може да се потврди вкупниот број на извршени снимања. Исто така, не секогаш се запазува правилото за читање на снимките од МР на работната единица на апаратот или во ПАКС систем со потребната резолуција и квалитет на снимка. Повеќето ЈЗУ работат според воспоставена пракса и немаат донесени процедури и воспоставен систем на внатрешни контроли за процесот на прием на пациентите, вршење на услугите, издавање на резултатите, изготвување пресметка и наплата на партиципацијата, а во дел не се води медицински дневник. Наведеното влијае на намален квалитет на здравствените услуги, на остварувањето на правата за осигурениците, како и на исходот и зголемувањето на трошоците за понатамошно лекување, покажува ревизорскиот извештај.

Исто така се наведува и дека Министерството за здравство не врши континуирани контроли на електронската листа, а направените контроли во 2023 година не се доволно ефикасни. Државниот санитарен и здравствен инспекторатот најчесто врши инспекциски надзор кај ЈЗУ по добиени претставки во делот на издавање резултати од извршените снимања. Отсуството на сеопфатно, континуирано и ефикасно вршење на надзор и контрола на работата на ЈЗУ влијае на можноста навремено да биде утврдено непочитувањето на прописите и преземање на потребните мерки за нивно надминување.

За надминување на наведените состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните институции, а во функција на обезбедување ефикасно користење, достапност и соодветен квалитет на здравствените услуги на граѓаните со магнетна резонанца.

Анита Буховски


Слично

Поврзани вести