ЈОВАНОВСКИ: За да се намали аерозагадувањето мора да го промениме начинот на греење и навиките
Антонио Јовановски од невладината Go green вели дека за да се намали аерозагадувањето мора да го промениме начинот на греење, да ги промениме личните навики, и да ги поддржиме сите оние на кои им е најтешко да го сторат тоа, односно на социјалните случаи.
Објаснува дека кога станува збор за Скопје и греење, прво мора да се вратат сите оние исклучени од централниот систем и дополнително да се вклучат нови корисници.
„За оние кои не се приклучени на централниот систем, да се субвенционира инсталирање на топлински пумпи и соларни фотоволтаици. Пелетите не се долгорочно решение и сепак се гори некоја комбинација од дрво и лепак. За оние кои се греат на струја, треба да знаат дека загадуваат во Битола. Државата стратегиски мора да се ориентира кон намалување на јагленот како енергенс за електрична енергија и значително да се зголеми учеството на обновливите извори на енергија, особено сонцето и ветерот. Сообраќајот претставува уште еден значаен фактор на аерозагадувањето, имено огромен увоз на половни автомобили во период од 2010-2014 година кога акцизите беа намалени заедно со еколошките стандарди, односно 173,000 стари автомобили се увезоа, наспроти 15,000 во периодот од 2005-2009. Сега тие увезени стари автомобили мора да се регулираат на технички преглед, односно нашиот предлог е во зависност од кој колку емитува штетни гасови да се добие налепница (зелена, жолта или црвена). Кога има загадување да се ограничат тие со црвени налепници. Пар-непар е нефунционална мерка, доколку „пар“ автомобилите се оние кои најмногу загадуваат. За сообраќајот најмногу улога има Министерството за внатрешни работи кое мора поактивно да се вклучи во имплементирање на рестриктивни мерки.Градоначалникот на Град Скопје мора приоритетни да го постави ставањето во функција на градскиот воз кој беше дел од неговата програма. Има 6 железнички станици долж Скопје кои би превезувале илјадници граѓани, кои алтернативно би го користеле нивниот автомобил“ – вели Јовановски.
Јовановски додава дека градежните активности мора да се стопираат во зима. Мора да се врати градежната сезона како што било порано. Во однос на регулативата и градежните дозволи смета дека мора да се наложи за секој инвеститор, доколку сака да гради тоа да мора да биде проследено со градини, дрвја, соларни панели.
Како проблем го наведува и тоа што малите индустриски капацитети работат вечерно време кога има ефтина струја, но и нема надзор. Според Јовановски, мора да се ревидираат сите еколошки дозволи Б, кои се издадени од општините, и да се санкционираат или поддржат сите мали фирми за да не користат загадувачки супстанци во нивното работење.
Инаку, Владата, општините, и министерствата претходно најавија мерки против загадувањето. Повеќето македонски градови утрово се ниско загадени, покажуваат податоците од мерните станици на Министерството за животна средина.