Антонијо Милошоски со осуда за упадот во американски Капитол: Нарачателот и извршителот да одговараат
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, го осуди упадот на толпата во американски Капитол и порача дека нарачателот и извршителот треба да одговараат пред законот. Опозицискиот пратеник снета дека „тој што ги отворил портите“ во овој објект ќе биде казнет во САД; додека според него, Крсто Мукоски, кој го направил истото на 27 април 2017, бил морално помилуван пред Ватикан.
„Насилството во Конгресот во Вашингтон, кое однесе 4 жртви и остави длабока лузна во американската демократија, е за осуда. За ваквиот чин во најмала рака одговорност мора да сносат нарачателот и извршителот на насилството, односно оној кој овозможил толпата да влезе во Конгресот. Нивната одговорност ќе биде порака дека насилството е казниво и неисплатливо, а демократијата е правдољубива.
САД се држава која не верувам дека би си дозволила оној кој ги отворил вратите на Конгресот, како Крсто Мукоски во Македонија, да биде амнестиран од власта и судот. Во Македонија токму извршителот што ги отвори вратите за насилството на 27-ми Април беше амнестиран, а потоа стана и сојузник на владата и беше богато наградуван со милионски тендери за семејната фирма, со што се испрати порака дека доколку си послушен џубокс пратеник како Мукоски, насилството се исплати и финансиски, и политички . Бонус за "вратарот на насилството" во Македонија беше моментот кога истиот како дел од државната делегација во 2019та беше на аудиенција кај Папата Франциск, со што актуелната власт на Мукоски му организираше и еден вид на морално помилување среде Ватикан.
Затоа, немилите настани од Вашингтон мора да имаат правна разрешница, а нарачателот и извршителот да одговараат, со цел да се спречи понатамошно поларизирање на општеството на највлијателната демократија во светот. Ова ќе биде првиот предизвик за новоизбраниот претседател Бајден.“, напиша Милошоски на Фејсбук.
Слично
