Антониа Гиговска: Се во животот ми се случи со причина
Црвениот тепих, распослан на патеката опкружена со суптилен сјај на светилки и свежина на цвеќе пред влезот на историскиот Сули Ан, уште на прв поглед најавуваше настан кој излегува од рамките на обична промоција на албум.
Амбиентот дишеше со елеганција и специфична, позитивна енергија, скроена за да ги пречека медиумските претставници, соработниците и колегите кои дојдоа да посведочат на уште еден важен настан во македонската поп-култура. Во центарот на тој гламур, со светски визуелен израз и став кога зачекори пред присутните, Антониа Гиговска го претстави својот најнов и најамбициозен проект, албумот „Жена“.
„Посебно сум емотивно врзана за овој проект“, призна таа низ насмевка, но со видлива возбуда во гласот, споделувајќи анегдоти и автентични приказни од исцрпувачките, но инспиративни снимања на видеозаписите.
Анализирано од поширок аспект, овој проект не е само збирка на нови рефрени, туку комплексен аудиовизуелен концепт составен од 9 песни и 9 посебни спотови. На само 25-годишна возраст, кога многумина уметници сè уште го бараат својот израз, Гиговска демонстрира изненадувачки зрел, стратешки и бескомпромисен пристап кон кариерата.
Нејзините идеи и визуелната креативност јасно покажуваат дека таа не е само пејачка која следи трендови, туку сериозен артист со јасна визија, подготвена да ги диктира стандардите на домашната сцена. „Жена“ не е само наслов на албум. Тоа е манифест на нејзиниот уметнички и личен раст.

ЖМ:Јавноста те гледаше како растеш пред камерите уште од најрана возраст. Кој беше клучниот момент, внатрешен пресврт или жртва, поради кој се почувствува како Жена со голема буква, а не повеќе како „младата надеж“ на сцената?
-Многу ми е драго што со сето ова што го правам почнав многу малечка. Најверојатно тој внатрешен пресврт да се почувствувам како жена , а не повеќе како млада надеж на сцената дојде од моментот кога почнав да градам големи успеси и да редам успешни проекти зад себе. Морам да признаам дека луѓето сè уште се поистоветуваат со малечката Антониа од „Ѕвездички“ и забораваат дека од тогаш поминаа 11 години. Сè уште ја бараат таа Антониа.
ЖМ: Општеството наметнува мислење дека кога една пејачка ќе се омажи и ќе стане мајка, нејзиниот сјај и сензуалност треба да се „смират“. Дали „Жена“ е всушност твој бунт против тие матрици, доказ дека мајката може да биде и вокално моќна, и визуелно храбра, и сексапилна на сцената?
-Уф да, дефинитивно! Многу млади девојки се плашат да станат мајки, зашто мислат дека ќе им заврши кариерата. Но, не се свесни дека кариерата допрва почнува. Се тргнува во нагорна линија, стануваш многу похрабра, помоќна, посексипилна, но, мораш и секојдневно да се трудиш да го задржиш тоа. Иако сум мајка морам да признаам дека во главата и физички се чуствувам сè уште како едно девојче или девојка од 20/22 години, така ми е полесно. Сакам да останам млада засекогаш.
ЖМ:Постојано го менуваш имиџот и експериментираш по примерот на светските ѕвезди. Дали овие трансформации се само визуелен концепт за сцена и маркетинг или секоја промена на изгледот е одраз на некоја нова, внатрешна фаза низ која помина?

-Секое парче што го имам ставено на мене е однапред осмислено со мојот тим, Вики, Даниел... Секоја песна, настап, гостување во емисија бара свој посебен изглед. Верувам дека кратката коса во спотот „Жена" ги асоцира на борбена, но и ранлива жена, исто како и белите веѓи во „Аман" кои не ги променив извесен период по снимањето на спотот или портокаловата коса во „Xиена". Имам многу промени и на останатите песни од албумот што допрва публиката ќе ги слушне и ќе ги види. Сакам да експериментирам и отсекогаш сум се водела според девизата - не ми е важно каде живеам за да ги следам светските трендови. Едноставно сакам да сум различна и храбра тоа и го правам.
ЖМ:Со сопругот Роберт ја делите и домашната адреса и сцената, бидејќи тој е дел од бендот со кој настапуваш. Каде завршуваат професионалните несогласувања околу музиката и аранжманите, а каде почнува приватниот, брачен живот?
-Многу разбирање, компромис. Точно знаеме- кога сме на бина сме професионални. Роберт беше и режисер на сите спотови од албумот "Жена". Строг е со мене на сет, но така и треба. Брачниот живот е нешто што се негува секојдневно.
ЖМ: Колку ти дава чувство на апсолутна сигурност додека си на сцена? Од друга страна чувствуваш ли притисок дека вашата приватност е постојано изложена „под рефлекторите“?
-Апсолутна сигурност. Тој го води цел бенд, тој е главата на бендот, се разбираме со поглед. Нема притисок, зашто е свесен дека некогаш морам и да флертувам со публиката, да ги насмеам, да ги расплачам, некој да ми даде некој ружа, да сака да ме бакне. Имало ситуации и кога ме кренале на раце. Свесен е дека сум на сцена. Свесен е за одговорноста што ние како артисти ја имаме на сцена.

ЖМ:Стана мајка на 22 години, во ек на најголемата популарност и кариерен залет. Што те научи мајчинството за сопствената сила и ранливост, а музиката и естрадата претходно не успеаја да те научат?
-Мајчинството ме научи да бидам силна, да молчам кога најмногу е потребно, да паднам и да станам кога светот се руши, да не се откажувам од моите соништа. Ме научи дека треба да верувам во себе.
Разговорот продолжува целосно на Женски магазин....