АНТИКОВИД СПРЕЈОВИТЕ СТАНУВААТ СÉ ПОПОПУЛАРНИ: Дали успешно може да не заштитат од респираторните инфекции?
Никој веќе не говори за Ковид-19, стравот од корона вирусот речиси преку ноќ исчезна, особено по
почетокот на војната во Украина, вели во разговор за Фактор, епидемиологот
Александар Стојанов. Но, вирусот секако постои, и луѓето иако во помал број се
заразуваат. Кај нас, за среќа бројките се многу подобри, отколку оние кои ги
пријавуваат во соседството, посочува тој.
-И во Хрватска, и во Србија здравствените власти пријавуваат голем број на заразени со Ковид-19, но, пријавуваат и многу смртни случаи. Значи, речиси и по скоро три години од пандемијата, вирусот постои и секако ќе постои, иако неговиот интензитет, неговата моќ е далеку помала. Човештвото стекна одреден степен на имунитет, како по природен пат од самото заразување, така и од вакцините кои ги развија фармацевтските компании. Но, овие индустрии не запреа со понатамошно развивање на разни лекарства против корона вирусот. Во светот се попопуларни сега стануваат антиковид назалните спрејови, кои треба да ја превенираат респираторната инфекција, вели д-р Стојанов.
Во текот на вчерашниот ден Факултетот за тропска медицина на Универзитетот Махидол, во Бангкок, го презентираше својот најнов изум. Имено, тајландски истражувачи и научници од Универзитетот Махидол, во соработка со нивните партнери од компанијата Биотек на јавноста и го прикажаа, како што го нарекоа, „Прв од ваков вид“ назалниот спреј Besuto Qlears COVID-19 кој содржи природни екстракти од лушпи од цитрус за борба против инфекции на респираторниот тракт, вклучувајќи ги КОВИД-19, Х1Н1 и Респираторниот синцицијален вирус (РСВ).
Сепак, епидемиологот е скептичен кога станува збор за лек кој се базира на природни состојќи, нагласувајќи дека нивната ефикасност е далеку помала од заштитата што може да ја дадат вакцините.
-Многупати сум нагласил, особено во екот на пандемијата на корона вирусот дека јас сум голем поборник за вакцинацијата и според мене тие се вистинската превенција од разни болести. Проблемот што многумина се заразија и покрај примената вакцина е тоа што научниците ширум светот многу набрзина ја создадоа ваквината против корона вирусот чија платформа беше на вуханскиот сој, а вирусот толку многу брзо мутираше, што таа немаше толкава моќ против новите соеви. Не даде 100 процентана заштита од заразување, но секако не дозволи смртен исход. Тоа ние речиси постојано го повторувавме. Што се однесува до назалните антиковид спрејови, сметам дека фармацевтските компании се во безусловна борба за престиж на пазарите, и секако и во наредниот период ќе бидеме свдоци на лансирање на нови и нови лекарства против овој вирус, но и против останатите респираторни инфекции, како што е грипот на пример. Еве за тајландскиот назален спреј се тврди дека ќе штити и од ковид и од сезонскиот грип, вели епидемиологот Стојанов.
Инаку, во Македонија, Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, Министерството за здравство информира дека доминира подсојот BA.5 на омикрон варинатата, а во првата недела од ноември, односно од 1. до 7. ноември регистрирани се 196 нови случаи на КОВИД-19 што е намалување од 14,8% во однос на минатата недела.
Анита Буховски
ФОТО: EPA-EFE/NARONG SANGNAK