Економија, финансии, бизнис

Контакт

АНТИКОВИД МЕРКИТЕ ДЕНЕСКА ПРЕД КРИЗНИОТ ШТАБ: За синдикатите вакцинацијата е присилна, за здравствените власти ова е единствен излез од пандемијата

АНТИКОВИД МЕРКИТЕ ДЕНЕСКА ПРЕД КРИЗНИОТ ШТАБ: За синдикатите вакцинацијата е присилна, за здравствените власти ова е единствен излез од пандемијата

Главниот кризен координативен штаб денеска ќе ги разгледа антиковид мерките кои мкинатата недела ги предложи министерот за здравство, Венко Филипче, а се по препорака на Комисијата за заразни болести. Потоа се очекува тие да бидат на Владина седница. Новите рестриктивни мерки се однесуваат на вработените во администрацијата, во сите јавни институции, односно во и во институциите на владата и во институциите на локалната самоуправа, а здравствените власти препорачуваат и приватниот сектор да ги примени.

Антиковид мерките предвидуваат вработените за да влезат на работното место да прикажат потврда за најмалку една примена вакцина или да имаат негативен ПЦР тест кој ќе важи најмалку 72 часа, а ќе биде направен на сопствен трошок, или ќе имаат потврда за прележан ковид, но не постара од 45 дена. Во случај некои од вработените да имаат имунокомпромитирачки болести и не смеат да примат вакцина против корона вирусот, во тој случај треба да прикажат потврда од лекар специјалист. За здравствените работници, пак, вакцинацијата е задолжителна, според новите предложени мерки.

И покрај сите реакции на некои од синдикатите дека ваквите мерки се во насока на присилна вакцинација против корона вирусот, здравствните власти порачуваат дека ова е единствен начин за излез од пандемијата на ковид, а освен тоа, како што велат, Македонија не е единствената земја која би применила поригорозни мерки, бидејќи тоа е случај со многу европски земји.

Во моментов Европа е повторно епицентар на заразата, бидејќи според последните податоци на СЗО, дури две третини од вкупниот број новозаразени на глобално ниво, се случаи потврдени во европските земји. Кога ги предложи новите мерки, министерот Филипче истакна дека пред нас е зимски период, период на вирусни инфекции, заради што мора ефикасно да се делува. Смета дека здравствените власти не може да лекуваат единствено болни од ковид, односно дека не смеат да се запостават и останатите граѓани кои имаат други заболувања, а болниците се преполни главно со пациенти кои не се вакцинирани.

-Вакви мерки има и во Германија, Австрија, Хрватска, во Грција каде се размислува да се воведе целосна забрана за влез во затворено, без разлика дали е на работно место или не, за невакцинирани. Нема друг начин да го заштитиме здравјето на граѓаните, но и здравствените капацитети. Во моментов и целиот изминат период болниците се полнат со невакцинирани пациенти 70-80 проценти од хоспитализираните се невакцинирани. Огромен број од колегите веќе имаат „burn-out“ синдром, знаете две години да се работи во ковид центри со таков интензитет не е едноставно. Има луѓе кои заболуваат и од други болести, не може нив да ги оставиме по страна. Не може да издржиме уште долго вака, да затвораме други одделенија, други пациенти да трпат, да им се одложуваат третманите, а ние да се занимаваме само со Ковид, образложи Филипче.

Доколку Владата даде зелено светло, мерките ќе стапат на сила 10 дена по усвојувањето, со цел да им се даде доволно време на вработените да се вакцинираат, а здравствените работници ќе имаат 30 дена за да ја завршат имунизацијата.

Анита Буховски


Слично

Поврзани вести