Антикорупциска се сомнева во општина Сарај за платформата, случајот со ќерката на Александрова е затворен
Антикорупциска комисија го затвори случајот со вработувањето на ќерката на Емилија Александрова, пратеничката која се одметна од ВМРО-ДПМНЕ и гласаше за уставните измени согласно Преспанскиот договор. Комисијата за спречување на корупција на денешната седница констатираше дека нејзината ќерка во меѓувреме не била вработена во Фондот за иновации и технолошки развој.
Констатирано е дека ниту сопругата на градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски, е нововработена откако тој стапил на функција. Таа го добила работното место во училиштето пред градоначалникот да стапи на функција.
Комисијата на денешната седница донесе одлука да отвори постапка за објектот што се гради на Матка. Таму веќе извесно време бесправно се монтира платформа, па Комисијата се сомнева дека има злоупотреба на работата на општина Сарај.
