Антикорупциска му подготвува казна на директорот Зоран Атанасов
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов заработи прекршочна пријава со што ќе биде парично казнет од илјада до две илјади евра, одлучи Комисијата за спречување на корупција на последната седница.
Санкцијата се однесува на предизборни прекршувања, односно Атанасов во овој период донел решение за отказ на вработен во агенцијата што е спротивно на изборниот законик.
Антикорупционерите посочија дека за време на изборен процес не смее да се започне постапка ниту за вработување ниту да се дава отказ на вработени во државни институции.
ДКСК расправаше и по три приговори поднесени од ВМРО-ДПМНЕ од кои е прифатен само оној за општина Куманово, каде што било дозволено во една од просториите да се одржат предизборни средби со кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски.
Градоначалникот Максим Димитриевски негодуваше дека просториите биле дадени на користење, а од Антикорупциска возвратија дека тоа е едно исто.
Комисијата не го прифати приговорот против Гордана Силјановска Давкова од страна на изборниот штаб на Пендаровски дека злоупотребила деца за политички цели со препорака дека Народниот правобранител е посоодветна институција за такви поплаки.
