АНТИКОРУПЦИОНЕРИТЕ БАРААТ ДИПЛОМАТСКИ ПАСОШИ - МНР проценува дали им следуваат
Членови на Државната комисија за спречување на корупцијата бараат дипломатски пасочи од Министерството за надворешни работи, а досега таков пасош добила само претседателката Татјана Димитровска. Според неа, на членовите на ДКСК овие пасоши им се потребни поради честите службени патувања во странство и затоа што се тие функционери именувани од Собранието.
„Побарани се дипломатски пасоши за членовите на Комисијата, но засега само јас, како претседателка, го имам добиено. За другите членови нема ни одговор дали ќе добијат дипломатски пасош. Легитимно право е на секој член да си побара, а институцијата ќе цени дали им следува“, изјави Димитровска.
Од МНР велат дека Димитровска го добила дипломатскиот пасош по проценка на претходниот министер за надворешни работи Бујар Османи, но и дека по законот не им следува дипломатски пасош, сепак, не ја исклучуваат можноста по одлука на самиот министер.
- Во април од Државната комисија за спречување корупција до Министерството за надворешни работи доставено е барање за издавање на седум дипломатски пасоши за претседателот и членовите на Комисијата.
Факт е дека членовите на оваа Комисија не влегуваат во категоријата на лица кои согласно со законот имаат право на дипломатски патни исправи, но истовремено, на одредени категории, доколку министерот процени дека има потреба, Министерството за надворешни работи има право да издаде дипломатска патна исправа.
На предметното барање од страна на тогашниот министер за надворешни работи, позитивно е одговорено само за едно лице, односно за претседателот на ДКСК.
Во однос на останатите членови на ДКСК, министерот за надворешни работи и надворешна трговија ќе направи дополнителни консултации со цел да биде донесена соодветна одлука, односно дали постојат оправдани причини и тие да добијат дипломатски патни исправи - укажуваат од МНР за „360 Степени“.
За разлика од актуелните, членовите на претходниот состав на ДКСК немаа дипломатски пасоши. Поранешната претседателка кажа дека не побарала дипломатски пасош, и покрај тоа што често патувала во странство и учествувала во процесот на скрининг во Брисел.
Ивановска, поранешната прва антикорупционерка смета дека МНР треба да ги разјасни критериумите за доделување дипломатски пасоши. Таа нагласува дека разбирањето на овие критериуми е клучно за транспарентност и правично издавање на овие привилегирани документи.
Инаку, функционерите со дипломатски пасош не чекаат во редици на граничните премини, туку поминуваат веднаш од посебен влез.
Фото: Принскрин/Фејсбук
