АНКЕТА НА БРИМА: Повеќе оптимисти отколку песимисти во однос на подобрувањето на животот од новата Влада
Најновото истражување на БРИМА покажува дека 59 отсто од граѓаните и веруваат на новата Влада и од неа очекуваат да придонесе за подобрување на животот.
Истражувањето направено од 2 до 12 јуни покажува дека 27 проценти од испитаниците гледаат со скепса на идното работење на Владата.
Најмногу етничките Албанци имаат позитивни очекувања од Владата, по што следуваат припадниците од другите етнички заедници, а најмалку очекувања имаат етничките Македонци.
Од политички аспект, најголема недоверба во Владата има кај поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ и кај оние што изјавиле дека нема да гласаат на следните избори, додека најголема доверба има кај поддржувачите на СДСМ, потоа поддржувачите на ДУИ, Движење за реформи – ДПА, Движењето БЕСА…
Шеесет и два отсто од анкетираните граѓани сметаат дека изборот на Зоран Заев за премиер е добро решение, додека 29 проценти е лошо решение. И тука најголема е поддршката кај етничките Албанци, потоа кај припадниците од другите етнички заедници и кај етничките Македонци.
За влегувањето на граѓаните во Собранието на Република Македонија на 27 април, резултатите од јунското истражување покажуваат дека поголем е бројот на граѓани или 66 проценти кои сметаат дека влегувањето било со однапред испланирано сценарио во однос на оние (21 процент) кои сметаат дека влегувањето било спонтано.
Поддршката за изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието во вкупната јавност е скоро изедначена бидејќи 43 проценти се изјасниле дека го поддржуваат, а 47 проценти дека не го поддржуваат. Најраспространета е поддршката за неговиот избор меѓу Албанците, а најмала меѓу Македонците.
