АНКЕТА: Дали граѓаните би прифатиле промена на името за влез во ЕУ и НАТО?
Половина од етничките Македонци даваат поддршка за менување на името на државата со цел влез на Македонија во ЕУ и НАТО, покажува анкетата на Институт за демократија „Социетас цивилис“.
30% од испитаниците од македонска националност одговориле дека целосно го поддржуваат тоа, 20% дека делумно, а 42% одговориле дека воопшто не поддржуваат промена на името.
Етничките Албанци во Македонија речиси и да не се поделени. 95% одговориле дека целосно или делумно поддржуваат промена на името, додека 1% одговориле дека воопшто не поддржуваат.
На прашањето ако се промени името, дали сметаат дека ќе се промени и идентитетот, 60% од Македонците одговориле потврдно, 40% одговориле дека целосно ќе се промени, а 20% дека донекаде. 48% од Албанците рекле дека идентитетот нема да се промени воопшто.
33% од оние кои гласале за ВМРО-ДПМНЕ даваат поддршка за промена на името. Кај симпатизерите на СДСМ, пак, повеќе од дупло, или 76% одговориле дека даваат поддршка.
Институтот за демократија Социетас цивилис анкетата ја направи преку телефонско испитување на национален пример од 1000 испитаници.
