Ангов: Испратив негативно мислење до Министерството за економија за рудник за злато и бакар
Градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, ја демантира фејсбук групата Спас за Гевгелија дека Дојранското Езеро е пред пропаст и соопшти дека испратил негативно мислење до Министерството за економија за постапка за доделување на концесија за детални геолошки истражувања на злато, сребро, бакар, олово и цинк кај локалитетот „Башибос-Бајрамбос“ на компанијата Сурскор Дооел Скопје.
„НАЈОДГОВОРНО ТВРДАМ дека ниту сум дал позитивно мислење за доделување на концесија за детални геолошки истражувања за злато и бакар на локалитетот Башибос – Бајрамбос во Општина Дојран, ниту пак имам намера да одам против волјата на граѓаните, односно против нивната одлука донесена на референдум на која јасно е ставено до знаење дека жителите од Дојран се ПРОТИВ отварање на рудници на оваа територија.

Од граѓанското здружение - иницијатива „Спас за Гевгелија“ со пост на својот Фејсбук профил денеска алармираат дека му се заканува опасност на Дојранското езеро. Тие објавија дека е доделена концесија за истражување на злато и бакар во близина на Дојран, што, според нив, ќе предизвика уништување на Дојранското езеро, но и иселување на илјадници жители од околината.
- Владата на Македонија на својата 132 седница одржана на 28.02.2023 година донела одлука за доделување на Концесија за детални геолошки истражувања за злато и бакар на локалитетот Башибос-Бајрамбос во општина Дојран, на компанијата СУРСКОР дооел Скопје. Оснивач на оваа компанија е компанијата ПРГ од Малта, која покрај Македонија има регистрирано уште една компанија која има намера да се бави со рударство во Руанда, Африка.
Локалитетот Башибос-Бајрамбос е одалечен само 3700 метри од Дојранско езеро. Отварање на рудник за бакар и злато на овој локалитет значи комплетно уништување на Дојранското езеро, иселување на илјадници жители од општина Дојран, уништување на викенд куќи на најмалку 10.000 граѓани, односно претварње во пустина на едно од најголемите природни богатства на Македонија - се наведува во нивната објава.
