Анѓушев: Нашиот сон е да направиме функционална држава
Во обраќањето по повод Илинден во Пелинце, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев апелираше да ја градиме Македонија како граѓанска држава, слободна татковина на сите граѓани и на сите етнички заедници.
Нашиот сон е да направиме функционална држава, држава што ќе биде по урнек на сите демократски и развиени општества во светот, вели Анѓушев.
Тој вели дека во моментот кога со сета почит и достојно се сеќаваме на државотворните настани на двата Илиндена во 1903 и во 1944, од перспективата на оваа 2017 година, неминовно е да се соочиме со фактот дека треба да ја прифатиме државотворната агенда на концептот за Македонија која нè повикува.
„Граѓаните на Република Македонија ги утврдија и се определија за сопствените стратешки цели – членството во НАТО и Европската Унија, соодветно на современите прифатливи безбедносни и економски концепти. Бевме предолго надвор од тие текови. Дел од причините беа објективни, но дел од проблемите се генерираа и од внатре. Се доведовме во ситуација кога можеме да кажеме дека веќе воопшто немаме време за чекање. Изминатите години што се непосредно зад нас, не можеме да ги вратиме, ама затоа времето пред нас мораме умно, храбро и посветено да го искористиме“- изјави Анѓушев.
Тој уште еднаш ги пренесе јасните, прецизни пораки и поддршката од стратегиските и искрени пријатели од Европската Унија искажани на неодамншениот Самит во Трст, дека Македонија, граѓаните на Македонија, новата Влада, Собранието и целото општество, има огромна поддршка за спроведување на суштинските реформи и за определбата за интеграција во ЕУ.
Додаде дека отсекогаш, пријателството со други земји, и со соседните, е од непроценливо значење.
„Мораме да ги подобруваме односите со пријателите. Не смеат да постојат недоречености или отворени прашања. Преземениот исчекор во односите со сите наши соседи е во согласност со декларираниот принцип на Владата дека мора да се издигнеме нaд статус-кво ситуациите кои не даваат можност за надминување на разликите. Отвораме нова перспективa која укажува дека пречките денес не се ништo спoреденo сo придoбивките oд иднинaтa“ - вели Анѓушев.
Aнѓушев додава дека се менуваат и треба да се менуваат владејачките гарнитури во една демократска земја. Но, она што треба и мора да биде заедничко за сите, според него е чесната намера и посветената работа за доброто на сите граѓани.
