Анѓушев: Граѓаните очекуваа повеќе правда
Кочо Анѓушев, вицепремиерот за економски прашања, вели дека во одредени области нема видлив напредок за брзо време, особено во правдата, но дека државата е на добар пат тоа да го подобри.
„Граѓаните очекуваа повеќе правда. Малку повеќе очекуваа реформи во тој дел, и се разбира тие треба да оценат дали доволно е испорачано. Мислам дека има простор за подобрување на состојбите во судството, општото живеење, образовниот и здравствениот систем“, изјави Анѓушев за Гласот на Америка како учесник на енергетската конференција во Вашингтон.
Според вицепремиерот, одлуката на Европската Унија и предвремените парламентарни избори ќе се одразат негативно врз економскиот развој на државата, но, незначително.
„Сите избори влијаат негативно на економијата и одредени економски процеси застануваат во тој момент. Но, мислам дека патот е трасиран и доколку се водиме според реалната економија и индустријализација, ориентација кон приватен сектор, тоа ќе донесе резултати на долг рок“, тврди тој.
