Ангеловска и Царовска го следат примерот на Заев - со видео пораки им се обратија на граѓаните
Двете дами во Владата, министерките Нина Ангеловска и Мила Царовска, решија да го следат примерот на премиерот Зоран Заев и преку видео пораки да им ги честитаат празниците на граѓаните, но и да ги истакнат позитивните резултати постигнати во нивните ресори, или да им пренесат одредени пораки.
Првата финансиерка, Ангеловска, преку видео порака снимена во малку различен стил од вообичаено, односно на Водно и во спортско-планинарски стил, на граѓаните им посакува среќна, паметна, мудра и позитивна 2020- та година!
„Покрај искрени честитки за здравје, среќа и љубов кон сите, сакам да ја пренесам и следнава порака...“, вели Ангеловска и порачува граѓаните во 2020 година да се фиксираат на најтешките работи, како што е вежбањето, менување на начинот на исхрана, или учење нови работи, а кои најчесто ги одложуваме.
„Длабоко во себе знаеме дека не е доволно само да посакуваме. Најтешките работи кои постојано ги одложуваме знаеме дека се и најважните. Затоа ви посакувам да тргнете од себе и да почнете од денес со најтешките работи“, вели министерката во видео пораката.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, која ќе дојде на местото што досега го имаше Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања, пак, преку видео порака ја честиташе Новата година со желби секој да биде уште подобар и да верува во своите соништа бидејќи, како што вели, соништата носат подобро утре.
Во видео пораката, Царовска вели дека годината што измина била посебна за неа, но и за семејствата на кои им била потребна поддршка.
„Новогодишните желби не инспирираат, не мотивираат да бидеме подобри и да дадеме повеќе од себе. Секој ден е ново достигнување и нов предизвик. Со предизвици беше исполнет и изминатиот период, вели Царовска, додавајќи дека за постигнатото заслужни се луѓето кои работеле да се донесат законите, да се направат исплатите и да функционира системот со што покажале дека навистина им служат на граѓаните.
Претходно и премиерот Зоран Заев преку видео на Фејсбук им се обрати на граѓаните, преку кое посака подобро и поубаво утре, здравје и исполнетост со радост и топлина порачувајќи секој да го направи најдоброто за државата и да си ветиме посветеност на заедништво и солидарност. Во Новата година државата ќе стане членка на НАТО, силно ќе чукаме и на портите на ЕУ на која има што да и кажеме, вели Заев и нагласува дека за државата останува обврската за целосно воспоставување на правна држава.
