АНГЕЛОВ: Паниката не ни помага, нема реална опасност од ширење на пожарот над Чучер
Нема реална опасност од ширење на пожарот над селото Чучер и нема потреба од паника, вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
Како што изјави попладнево Ангелов од Чучер, на огнот ќе му требаат неколку часа за да дојде до црквата што наводно била загрозена, според пишувањата по социјалните медиуми.
Во овој момент, нагласува Ангелов, селото е безбедно благодарение на локалните жители, на две екипи од Скопската бригада за противпожарна заштита и на една екипа на „Национални шуми“.
„Паниката не ни помага, црквата што беше загрозена според пишувањата по социјалните медиуми, по моја слободна проценка огнот и да помине му треба неколку часа да дојде до таму, но на лице место има пожарникари и локално и пожртвувано население“, кажа Ангелов во видео изјавата што ја сподели ДЗС.
Според последните информации на ЦУК, пожарот е лоциран меѓу селата Блаце и Чучер во општина Чучер Сандево, се уште е активен, а горат мешана шума и ниска вегетација.
Очевидци за МИА велат дека мештаните од сите околни села се на терен и помагаат во гаснење на пожарот.
МВР претходно соопшти дека поради пожарот целосно е прекинат сообраќајот кон граничниот премин „Блаце“ кој е воедно и затворен.

Од ЦУК соопштија дека до 18 часот во државата имало 8 пожари и сите се активни.
фото принтскрин
