Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ангелов: Ако мечка нападнала човек и постои опасност пак да нападне, јас сум на ставот дека треба да биде застрелана

Ангелов: Ако мечка нападнала човек и постои опасност пак да нападне, јас сум на ставот дека треба да биде застрелана

Ги сакам мечките, но повеќе ги сакам луѓето, вели директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов. 

Тој е за отстрел само на опасни мечки и бара полицијата да го расветли случајот во Пласница каде мечка нападна постар човек. 

„Ние како ЦУК сме против убивање на мечките, ние сме против нивно застрелување. Тука зборуваме за опасни мечки што нападнале човек. Ги сакам мечките, но повеќе ги сакам луѓето. Ако некоја мечка нападнала човек и постои опасност пак да нападне, јас сум на ставот дека треба да биде застрелана“, рече Ангелов.

Во последните десетици години досега не бил регистриран напад од мечка.

„Вчера, лично зборував со човекот. Беше преплашен. Сакаме да дознаеме што точно се случило, зошто мечката го нападнала бидејќи факт е дека нападот не бил многу сериозен. Ако мечката сериозно го нападнала, ќе имаше многу посериозни последици. Можно е мечката да била исплашена бидејќи било ловен ден. Имало истрели од ловците, можеби бегала исплашена, налетала на него, го удрила, бидејќи по неговите кажувања само го турнала со шепите. Потоа го гризнала за слабините, но не силно, бидејќи раните се релативно плитки и мечката веднаш побегнала. Можеби се работи за несреќен случај кога во погрешно време се нашол на погрешно место. Дополнително, институциите ќе испитаат дали се работи за агресивна мечка“, рече Ангелов.

Во однос на стручни лица за дислоцирање на мечките од Маврово и Ростуше, Ангелов рече дека има доволно иако не е голема бројката, а во стручноста не се сомнева. Сепак, Ангелов оцени дека постапката за успивање на мечките е комплицирана и тешко е да се определи дозата.

Мечка завчера го нападна 76-годишниот Минче Рамчески, жител на селото Пласница. Тој отишол да бере дренки, седнал да одмори и да пуши цигара, по што го нападнала мечка. 

Слично

Поврзани вести