АНГЕЛ НАКОВ: Гевгелија си ги одбрани своите со Устав загaрантирани добра
Ангел Наков, претседател на здружението „Спас за нас“ кое ја водеше кампањата „Спас за Гевгелија“ вели дека вчера на референдумот граѓаните гласале за основните човекови вредности и права и за своите деца.

Тој не се ни сомневал дека резулатот ќе биде поинаков, и вели дека по референдумот, прашањето за овие два рудници на Кожув е затворено, но отворени се прашањата за другите рудници кои постојат во југоисточна Македонија.
„Ние никогаш не сме имале дилеми како да гласаме. Гевгелија си ги одбрани своите со Устав загaрантирани добра, чиста еколошка средина, вода и воздух. Јасна е пораката дека Гевгелија е град на екологијата, туризмот, земјоделството. Со овој референдум како што се вели за век и веков е затворено прашањето за овие рудници. Ние направивме кампања и со стотина волонтери им објаснувавме на граѓаните, ги информиравме до каде е постапката за референдум, што ќе следи понатаму“ - вели Наков.

Во мирна атмосфера вчера граѓаните на Гевгелија излегоа да се изјаснат ЗА или ПРОТИВ отворањето на рудници за злато на планината Кожув.
Во гласачкиот список се наоѓаа 19,459 граѓани со право на глас, а гласале 13.097 од нив. До 19 часот 99,1% од граѓаните се изјасниле ПРОТИВ рудници за злато. Од нив само 154 гласале за доделување на дозвола за експлоатација на злато во тој регион.
Граѓаните беа информирани дека ако се отворат рудниците постои ризик од појава на малигни заболувања, загадување на водата, почвата, а во крајна линија и иселување на граѓаните. Мал дел сметаа дека ова ќе биде шанса вработување.
