АНЕСТЕЗИОЛОЗИ, РЕНТГЕНОЛОЗИ, БИОХЕМИЧАРИ, МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ, БОЛНИЧАРИ-КОЈ КАДАР Е ДЕФИЦИТАРЕН: Докторите Јовев, Арсенков, Исјановски и Костов за Фактор
Години наназад
оценките за македонското здравство се поразителни. Граѓаните се жалат на
неможност да добијат термин за каков било преглед. Со месеци се чека за
магнетна резонаца, компјутерска томографија, специјалистички прегледи...Медицинскиот
кадар масовно заминува од клиниките, болниците, здравствените установи. Пациентите
не можат да се дочудат, како на пример, снимањата дури и кога се најитни се
прават единствено на Институтот за радиологија.
Едно патешествие почнува вака: Пациент донесен со возило на Итната медицинска помош на една од клиниките, пратен е да направи биохемиски анализи во Ургентниот центар, како и компјутерска томографија на Рентген институтот. Поради немање болнички кадар, на пациентот му е дадена само количка, а членови на семејството го туркаат прво до Ургентниот центар, па потоа го туркаат до Институтот за радиологија, а потоа го враќаат на клиниката каде што првично е донесен со Итната медицинска помош. Тоа трае со часови и покрај тоа што станува збор за пациент кој е во животозагрозувачка состојба...
Лошата состојба во македонското здравство беше нотирана како една од главните забелешки и во последниот извештај на Еворппската комисија за напредокот на земјата. Беше посочено дека буквално се одлева медицински кадар и лекари и медицински сестри, кои од јавното здравство или заминуваат во некоја од приватните болници или пак во странство.
Фактор разговараше со неколку директори на јавни здравствени установи кои велат дека особено во последниве неколку години ова станува сериозен проблем заради што самите установи потешко функционираат.
Професорот Сашко Јовев, директор на Клиниката за кардиохирургија посочува дека најслабата точка е недоволниот број специјалисти анестезиолози, медицински сестри како и помошен болнички кадар и кадар во администрацијата.
-Во последниве пет години многу инвестирав во опрема на Клиниката за кардиохирургија и навистина одлично работиме и сме конкуретни со приватните болници, но јас години наназад гласно го кажувам проблемот со недостаток и на кадар и на простор. Нам, односно на Клиниката за кардиохирургина ни недостасуваат анестезиолози, медицински сестри, друг помошен болнички кадар и вработувања во администрацијата. Секоја година доставувам до надлежните институции од 10 до 15 молби за вработувања, но едноставно не ми даваат. Од нашата клиника во последниве две-три години заминаа 15-тина сестри, обучен, спремен кадар за во сала. Заминуваат најмногу во Германија, но и во други држави. И не се само платите проблем, си бараат мир во душата, сакаат да живеат во организирана држава, вели професорот Јовев за Фактор.
Со недостаток на анестезиолози и медицински сестри проблем има и Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“, кои скопјани ја знаат како стара градска болница, како и ГОБ „8 Септември“.
-Во моментов во Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во моментов имаме седум специјалисти анестезиолози, но брзо ќе останеме само со шест, бидејќи еден од нив ќе замине во пензија. Инаку, и покрај тоа што имаме пет операциони сали, не се прават операции во сите, бидејќи анестезиолозите се ангажирани и на интензивната нега, што значи дека мора да го редуцираме бројот на операционите сали. Во период од две години, дел од анестезиолозите заминаа во некои од приватните болници, еден дојде кај нас, но сметам дека тоа не е доволно. Фали среден медицински кадар исто така фали, некаде пополнуваме со вработувања на определено време, и се надеваме дека во иднина ќе се регулира тоа. Недостигаат сигурно 15 медицински стестри, 5-6 болничари, голем дел од нив си одат надвор од Македонија. Од кај нас заминаа 3-4 медицински сестри во Германија, други во некои од приватните болници, посочува за Фактор д-р Љубен Арсенков, директор на Клиниката за жируршки болести „Свети Наум Охридски“- Скопје.
-Од ГОБ „8 Септември“ во последниве четири години си заминаа 30-тина медицински сестри. Тоа е навистина огромна бројка. Сите се надвор од Македонија. Исто така, недостигаат анестезиолози. Во последниве две години, кога болницата генералн функционира како ковид-центар, и тоа најголем во Македонија, анестезиолозите се ангажирани во одделенијата за интензивна нега и работат со ковид пациентите кои се ставени на респираторни апарати. Од таа причина беа редуцирани останатите хируршки зафати и се правеа операции на итните пациенти, вели д-р Христијан Костов, директор на ГОБ „8 Септември“.
И во Здравствен дом Скопје има недостаток на кадар, вели директорот Виктор Исјановски, кој нагласува дека дел од лекарите се пратени на специјализација која со години ја чекале.
-Секаде имаме недостаок на кадар. На пример, Итната медицинска помош, колку пати ја обновувавме, примивме и многу доктори, но повторно и повторно се јавува недостаток, бидејќи тие луѓе мора да се пратат и на специјализација. Не сакаат да останат во превентива. Оние пак кои сакаат да работат во превентива, сакаат да бидат ставени во одделот за имунизација, на вакцини, да биде специјалист по вонболничка педијатрија. Овие проблеми се наталожувани со проблеми. Голем дел од општите лекари кои се примни во Здравствен дом-Скопје, се определуваат за разни специјализации, очно, ушно, ортопедија, интернисти и така натаму. Конкретно, ние имаме најголем недостаток на рентгенолози. И не е вложувано со години во кадар од аспект на специјализации. Откако сум јас директор на установата, од 2019, јас испратив на специјализација доктори кои требале да заминат уште 2016-2017. Тие чекале две-три години. Морам да напоменам дека недостигаат специјалисти биохемичари кои дефинитивно си одат во приватните лаборатории, а инаку, генерално нема одлив на лекарски кадар во странство од Здравствен дом. Од средниот медицински кадар недостигаат и лаборанти и медицински сестри, вели д-р Виктор Исјановски, директор на Здравствен дом Скопје.
Анита Буховски
