Анџело Ѓорѓиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски бараат да се повтори судењето за убиството на Тот
Осудените за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот бараат ново судење.
Тие од Апелација побараа преквалификација на делото и поблаги затворски казни. Обвинетите Анџело Ѓорѓиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски побараа да се повтори судењето. Тврдат дека не извршиле убиство со умисла и побараа да се направи супервештачење на наодите како настапила смртта кај Тот.
Првообвинетиот Анџело Ѓорѓиевски се пожали дека не биле презентирани во целост видео снимките каде јасно се гледа како му пружал прва помош на ракометарот и разговарал со лекарите. Побара да се земе сведоштво и од екипата на брзата помош. Вели дека го удрил Тот во афектна состојба.
Дополнително обвинетите бараат да сведочи и такси возачот кој до сега ниту Обвинителството ниту судот не го обезбедиле, а бил клучен сведок за тоа како настанал инцидентот. Ѓорѓиевски и Левковска добија по 18 години, а третиот обвинет Костовски 16 години затвор. Хрватскиот ракометар Денис Тот минатата година на 8 април почина откако тројцата го претепале на излез од дискотеката „Привилиџ“. Кога се случи убиството, хрватските власти најавија дека будно ќе следат како ќе тече процесот.
