АНАЛИЗА ЗА БАЛКАНСКИТЕ ЗЕМЈИ: Што пишува „National Geographic“ за Македонија?
Во најновата анализа за балканските земји, престижниот „National Geographic“ ја издвојува Македонија како идеална дестинација за љубителите на добрата храна, природата и автентичните искуства, при што особено внимание ѝ се посветува на скромниот, но извонредно богат гастрономски и културен идентитет на земјата.
„И покрај забележителните планини, езера и историски знаменитости, Македонија е пријатно ненаметлива и во голема мера не е погодена од масовниот туризам“, пишува National Geographic, наведувајќи го Охрид како една од најголемите атракции во земјата, благодарение на старите цркви, прошетките покрај езерото и возењата со брод.
Според текстот, вистинското откритие за патниците се руралните предели — особено националните паркови Маврово и Пелистер — каде може да се ужива во „опуштени возења со запирање кај селски таверни и тезги покрај пат со домашни производи“.
Посебно внимание е посветено на македонската кујна, која според магазинот е „позначајно разновидна од повеќето други кујни во западен Балкан и помалку воздржана кон зачинетото“. „Ајварот е типичен пример – овој вкусен намаз од црвени пиперки и модар патлиџан може да биде прилично лут и често се наоѓа на менито во локалните ресторани.“