Економија, финансии, бизнис

Контакт

Анализа со Крстиновска: Колку ширењето на КОВИД-19 инфодемијата влијаеше врз процесите во Македонија?

Анализа со Крстиновска: Колку ширењето на КОВИД-19 инфодемијата влијаеше врз процесите во Македонија?

КОВИД-19 пандемијата барем во поновата светска историја донесе огромни предизвици кои влијае на геополитичките текови, а секако одмината не беше ниту Македонија од аспект на ширење на опасниот корона вирус, ниту пак со инфодемијата составена од лажни вести, шпекулации, нејаснотии околу намерите на глобалните играчи и во одредена мера влијание и преку традиционалните медиуми. Во истражувањето на организацијата Естима е направен преглед на обидите за странските операции за влијание поврзани со информации за КОВИД-19 пандемијата. Според Ана Крстиновска застапени се три клучни наративи и тоа поврзани со потеклото на вирусот, постапката на Кина за известување на СЗО за избивањето на заразата, а потоа и начинот на која се претставуваше доставата на меѓународната помош за погодените земји. Ниедна земја, без оглед на тоа колку е мала, не е изоставена од глобалната кинеска стратегија за јакнење на сопствената позиција, контрола на глобалниот дискурс и побивање на наративите кои не се во согласност со ставовите на кинеската власт. Во тој контекст и во Северна Македонија се забележува навлегување на кинеските наративи.

Фактор: Кина како држава долго време беше во фокусот од избивањето на пандемијата со корона вирусот, политичкото конфронтирање од страна на американскиот претседател Трамп за ширењето на заразата нарекувајќи ја „кинескиот вирус“, а потоа и во обидите за справување со последиците од КОВИД-19, распределбата на економска и медицинска помош до трката за развој на вакцина. Што покажа вашето истражување, колку „инфодемијата“ беше присутна за време на пандемијата?

Крстиновска: Имајќи предвид дека КОВИД-19 како пандемија на новооткриен вирус се поврзува со многу нејаснотии во однос на потеклото, ширењето, мерките за претпазливост, последиците и лекувањето,тоа претставува одлична можност за ширење секакви информации и исто толку дезинформации од различни чинители, вклучително и странски држави со сопствена агенда и интереси. Со цел да провериме во колкава мера таквите наративи се присутни во нашиот информативен простор, ние направивме студија на случај на кинеското присуство во традиционалните и социјалните медиуми. Притоа, само за период од 4 месеци (март-јуни 2020), идентификувавме 245 релевантни вести на 22 традиционални медиуми и интернет портали и 301 објава на социјалните медиуми, претежно на Фејсбук. Анализираните содржини претежно пренесуваат наративи поврзани со официјалните позиции на кинеските медиуми од коишто дел прикажуваат определена наменски создадена претстава за кинеската улога во пандемијата.

Притоа, трите клучните наративи застапени кај нас се однесуваат на потеклото на вирусот и кинеските обиди да се отфрли секаква можност дека вирусот за првпат се појавил во Кина, исклучителната успешност на кинескиот модел која се поврзува со авторитарниот модел, наспроти потфрлањето на западните демократии и претставувањето на кинеската помош како несебичен чин на солидарност без никаква друга намера. Во тој контекст, се обидовме да направиме сеопфатен преглед и анализа на сите аспекти на овие наративи, вклучително и на оние информации кои беа застапени на глобално ниво, но не и во македонскиот медиумски простор, со цел да поттикнеме информирана дискусија за овие прашања, критички пристап кон информациите и идентификување на потенцијалните лажни наративи.

Фактор: Имаше ли доцнење од страна на Кина за известување на СЗО за појавата и опасноста на вирусот, корекција на бројот на заразени и починати во првиот бран на корона вирусот, примената на мерките за заштита и нивната успешност. Колку овие теми беа користени во јавниот дискурс за обвинување и пресметка со Кина, а од друга страна пак, нејзина одбрана и пофалби за преземените чекори?

Крстиновска: Она што може со сигурност да се тврди е само фактот дека постои огромно несовпаѓање на наративите кои произлегуваат од Кина и од западните земји во врска со почетниот одговор кон корона вирусот, (не)навременоста на известувањето од Кина кон СЗО и останатите земји и според тоа можноста тие посоодветно да се подготват за она што ги очекува. Кина несомнено успешно се справи со епидемијата на нејзина територија и тоа се обиде да го искористи во голема мера за подобрување на сопствената репутација на светско ниво, особено во однос на САД со коишто води т.н. „трговска војна“, но и ЕУ со којашто последните години има зачестени тензии поради различни политички и економски прашања. Од друга страна, противењето на Кина на независна истрага и цензурата на информациите кои излегуваат од Кина секако не одат во прилог на брзо разјаснување на мистериите кои сè уште го опкружуваат потеклото и првичните месеци на епидемијата во Кина.


Фактор: Кои методи и алатки на пропаганда или насочена комуникација ги користи Кина кога е во прашање Северна Македонија, има ли зголемена активност преку социјалните мрежи, се користат ли „лажните“ вести за ширење на вести и објави?

Крстиновска: За разлика од повеќе поголеми држави каде што има директно присуство на кинески официјални медиуми на локалните јазици, во Северна Македонија кинеските наративи се пренесуваат преку традиционалните медиуми и интернет порталите, како и преку Фејсбук како единствен социјален медиум со директно присуство на кинески државни чинители. Она што е карактеристично за традиционалните медиуми е претежно урамнотежено и професионално известување за кинеските позиции и ставовите на ЕУ, САД и други држави, што не е случај со интернет порталите каде што има значително поголема застапеност на еднострани и непроверени содржини, сеназционалистички објави засновани на дезинформации и лажни наративи.

Сепак, и во традиционалните медиуми во неколку наврати забележавме нејаснотии и недоречености, на пример вести во однос на испорака на кинеска медицинска помош и апарати што наведуваат дека се работи за кинеска донација, а всушност станува збор за набавка или за помош од страна на ЕУ. Освен тоа, паралелно со глобалните трендови на поголема кинеска активност во информативниот простор во странски држави, и кај нас се забележува поголема иницијативност преку кинески авторски текстови и колумни во традиционалните медиуми, како и кинеско присуство на Фејсбук што датира непосредно од пред пандемијата.

Фактор: Можеби во овој момент како држава не сме од преголема стратешка важност за поголема вклученост на Кина преку методите за влијание, но очекувате ли зголемено медиумско присуство, како и кампањи на социјалните мрежи, како за чувствителните теми поврзани со КОВИД-19, така и со нејзините зацртани цели?

Крстиновска: Кинеската стратегија за поголемо глобално присуство и влијание е релативно нова појава и процес на постојано учење и усовршување, особено имајќи предвид дека демократските општества функционираат поинаку за разлика од кинескиот модел. Според кинеската филозофија во надворешната политика, државите не се делат на големи и мали и сите имаат своја улога и значење. Во таа смисла, кинеските методи за влијание кај нас во моментов се насочени кон воспоставување присуство, како на традиционалните така и на социјалните медиуми, градење целна публика и однос на доверба, односно воспоставување отворени комуникациски канали што би можеле да се користат кога за тоа ќе има потреба. КОВИД-19 е секако ситуација во којашто Кина има значителен интерес да биде активна и да ги пласира своите позиции, како и останатите чувствителни теми како што беа протестите во Хонг Конг, состојбата со муслиманската заедница во Шинџианг и сл. Покрај тоа, Северна Македонија е членка на ООН, НАТО, СЗО, СТО и други организации каде што Кина застапува свои интереси и каде што гласот на секоја, дури и на малите држави како нашата има тежина кога се носат одлуки. Токму тоа е она што Кина го има предвид во нејзината надворешна политика и пристапот кон Северна Македонија.

Фактор: Што според вас треба да се преземе за зголемување на отпорноста од влијание на странски држави вклучувајќи ја и Кина преку каналите за информирање?

Крстиновска: Медиумската писменост од една и квалитетот на известување на медиумите од друга страна влијаат на начинот на кој публиката ги восприема пораките што ѝ се упатени. Затоа, неопходни се активности за подигнување на критичкото мислење кон содржините што се пласираат, пред сè преку непроверени канали како одредени интернет портали и социјалните медиуми. Освен тоа, потребно е негување на плурализмот на мислењата, односно застапеноста на различни ставови кон наративите што доаѓаат од странски држави со цел медиумската публика да може да изгради информиран и критички став. На тој начин би спречиле прелевање кај нас на едностраните позиции, особено од општества каде што различните мислења не секогаш излегуваат на површина и би изградиле поголема отпорност кон штетните влијанија и погрешните заклучоци што може да ги извлечеме ако гледаме само еден дел од целата слика.

Х.С.

Слично

Поврзани вести