Економија, финансии, бизнис

Контакт

Анализа со Јонузи: ДУИ комотно ќе води преговори за влада, можни се и трансфери на пратеници

Анализа со Јонузи: ДУИ комотно ќе води преговори за влада, можни се и трансфери на пратеници

ДУИ го постигна најдобриот резултат на овие избори во услови кога коалициите предводени од двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ забележаа пад во однос на постигнатите резултати од 2016 година. Изненадувачки, но со 15 пратенички мандати без амин на Али Ахмети никој не може да ја состави новата влада, освен ако не се случи реализирање на предлогот на Заев двете коалиции да си разменат пратеници за само ДУИ да остане во опозиција. Дестан Јонузи, уредник на дневниот весник на албански јазик КОХА, во анализата за Фактор, вели дека во наредниот период можни се трансфери на пратеници, но секако клучот за Илинденска се наоѓа токму во ДУИ. Тој смета дека опозициските албански партии се уште не се доволно силни на терен за да им го откинат приматот на интегративците, без оглед на регионалната поддршка на пример од Албин Курти од Косово. Сега, дури и да не се оствари барањето за прв премиер Албанец, апетитите на ДУИ за поделба на владиниот колач ќе бидат многу поголеми.

Како ги оценувате резултатите на ДУИ кои освоија најмногу мандати во поглед на останатите албански партии. Зошто се уште не созреа атмосферата за нова албанска партија која ќе и го одземе приматот на ДУИ?

Јонузи:Изборниот резултат како целина беше и очекуван, малата разликa е силен аргумент за демократијата. Кој и да создаде парламентарно мнозинство ќе има силен опозициски блок во Парламентот. Има многу комбинаторики за ново парламентарно мнозинство, но клучот за состав на ново парламентарно мнозиство е кај ДУИ и Ахмети. Очекувано беше дека ДУИ ќе биде прва партија во албанскиот политички блок, но не со 15 пратеници. Ова е изненадување, како што се изненадување 12 пратеници за коалицијата Алијанса-Алтернатива. ДУИ се уште неможе да се победи бидејќи другите албански партии не се структурирани како ДУИ на терен, немаат институционално искуство како ДУИ, но и не и парираат доволно и со контра изборни идеи, и со политичка платформа.

Што ќе биде со клучното барање од кампањата на ДУИ новиот премиер да биде Албанец?

Јонузи:Секако дека ДУИ е главниот играч за состав на ново парламентарно мнозинство и формирање на нова влада, без разлика со која комбинаторика. Идејат за прв Албанец премиер ДУИ доволно го објасни и пред албанскиот, и пред македонскиот електорат. Ако не се договорат за Албанец премиер во овој состав, во наредните години е остварлива идеја во парламентарно мнозиство како што е нашето. Но, барањата на ДУИ сега ќе бидат поголеми, и секако ќе бараат поголем колач од власта.

Заложбите за промени во албанската политичка сцена започнати од Албин Курти и Самоопределување во Косово се очекуваше да фатат зародиш и во Македонија. Тоа можеше да се види и од солидниот резултат на Блерим Река како претседателски кандидат, но како работата да не е довршена. Каков ќе биде расплетот во албанскиот корпус?

Јонузи:Албин Курти и на овие избори директно ја поддржуваше коалицијата Алијанса-Алтернатива. Од друга страна Сали Бериша јавно ја поддржуваше идејата за прв Албанец премиер. Со било која македонска политичка партија ДУИ да формира влада, парламентарното мнозинство ќе биде бледо без уште еден партнер. Па така очекувани се и трансфери и преминувања на пратеници во наредениот период. ДУИ во вакви услови е комотен бидејќи е клучен фактор.

БЕСА за прв пат учествуваше како албанска партија во предизборна коалиција со СДСМ. Дали оваа соработка го постигна очекуваното, или можеше и подобро, особено во шестата изборна единица?

Јонузи:Коалицијата СДСМ-БЕСА не даде голем продуктивитет. Ако се направи споредба со резултатите од изборите во 2016, кога СДСМ сама имаше три мадати во шестата изборна единица, а сега со БЕСА 4, тоа е еднакво на нула или неуспех. Но, од оваа колациија најмногу придобивки има БЕСА која освои 4 пратенички места. Ако сама одеше на избори во првата и втората изборна единица тешко да добиеше пратенички мандати.

Кој ќе ја формира новата влада, кој има најголема шанса за формирање владина коалиција но, и дали таа ќе биде доволно стабилна за тешките предизвици кои следат во наредниот период со справување на последиците од КОВИД-19?

Јонузи:Според резултатите најпрво, СДСМ и ДУИ ќе се обидат да најдат заеднички јазик, со вклучување на уште една или две помали партии во владината коалиција. Но ако не се постигне успех , ДУИ комотно може да ги разгледа и другите опции и можности кои им се на располагање. 

Х.С.

Слично

Поврзани вести