Економија, финансии, бизнис

Контакт

Анализа со Хасановиќ: Кои лекции од Варшавскиот безбедносен форум се клучни за македонската стратешка политика

Анализа со Хасановиќ: Кои лекции од Варшавскиот безбедносен форум се клучни за македонската стратешка политика

Варшавскиот безбедносен форум како централно место на кое се афирмираат идните безбедносни политики на западните сојузници оваа година беше од голема важност. Особено што по падот на Лабул и враќањето на Талибанците се бара лидерството на САД и нивната посветеност на останатите региони во кои се присутни како во Европа како најголем партнер така и на Западен Балкан каде лесно состојбите може да се променат.

Еден од македонските учесници на годинешниот форум беше Елмас Хасановиќ, стипендист на Фулбјрајт на Државниот Универзитет на Северна Каролина. Како директен учесник на панелот „Млади лидери за безбедност", Хасановиќ од прва рака можеше да ги добие сите информации за идниот развој на безбедносната стратегија на западните сојузници и во кој правец може да размислува и Македонија во нејзината надворешна политика но, и при планирање на стратешки мерки за безбедноста.

Меѓу главните заклучоци за безбедносната политика на западните сојузници по враќањето на талибанците, глобалната лидерска улога на САД и можниот наплив на бегалци или нов бран на тероризам се дека повлекувањето на САД од Авганистан не значи и повлекување од меѓународната сцена или од Европа.

„Напротив, во иднина се очекува САД да го засили своето влијание и присуство во регионот на Балтичките земји, Црното Море, Западниот Балкан, Африка и Индо-Пацификот. Во годините што следат, можеме да очекуваме засилување на активностите на терористичките групи поради намалувањето на операциите против нив, особено од западните земји. Периодот од почетокот на пандемијата до денес, терористичките групи го искористија за преструктуирање, снабдување со опрема и оружје и регрутација на нови борци/следбеници. Како резултат на тоа, но и поради економската криза, најверојатно сценарио е радикализација на младите и другите ранливи групи. Поради економската ситуација во Африка и состојбата во Авганистан, голема е веројатноста од нов наплив на бегалци и мигранти кон Европа, но рутата би можела да биде поинаква од претходно. Тоа што загрижува е тоа што Русија, Сирија и останатите недемократски земји ги користат мигрантите како оружје за мека моќ”, дополнува Хасановиќ.

За Македонија како земја-членка на НАТО зајакнувањето на отпорноста на демократијата и доброто владеење најважни процеси за зајакнување на стабилноста и економскиот просперитет.

„Потребно е подобрување на владеење на правото, одлучна борба со корупцијата на сите нивоа, рамноправноста и инклузивноста на сите граѓани и маргинализирани групи во управувањето со државата, стручност и професионалност во работата. Најбитно, зајакнување на отпорноста на опшествата. Една од работите која беше потенцирана е зајакнување на капацитетите за справување со кризи и пандемии кои ќе овозможат континуитет на работењето на сите владини и јавни институтции со цел непречено извршување на сите владини и јавни услуги”, смета Хасановиќ.

Закочената интеграција на Западен Балкан во ЕУ се повеќе ќе се става во безбедносен контекст со оглед на геополитичките интереси на други актери како Русија и Кина. Таквиот развој на настаните ќе го зголемува притисокот врз САД за поддршка на регионот и очекувањата се и Брисел да одговори со стратешки присуство и поголема видливост во регионот.

„Западен Балкан е од стратешко значење за Русија и Кина, и во наредниот период тие ќе настојуваат да го зголемат своето влијание и присуство. Европската Унија е свесна за овој предизвик, и во наредниот период се очекува засилена економска и политичка активност на ЕУ во овој регион, но и подобрување на стратешките комуникации со цел нивна поголема видливост. Западен Балкан е од исклучителна важност Европската Унија, а доказ за тоа е вклученоста на земјите од регионот во сите дискусии за иднината на Европа, како и грантовите, донаторската помош и економско-инвестицискиот план со цел подлабока интеграција на Западен Балкан во заедничкиот економски пазар на ЕУ и намалување на Руско-Кинеското влијание во овој дел од континентот”, заклучува Хасановиќ.

Главните заклучоци од форумот за поставеноста пред Русија се дека НАТО и сојузниците на САД ќе треба да покажат одлучност при продолжената употреба на Руската влада на невладините воени и безбедносни организации (НВБО) за промоција и реализација на државните интереси. Исто така, се очекува Русија да продолжи да ги користи недржавните актери и за спроведување на дезинформативни кампањи и информациски војни врз Западот.

„Поради се поагресивното однесување на Русија во Источното крило на НАТО, како и прекршувањето на одредбите од INF договорот, генералниот заклучок е дека НАТО мора да го засили и унапреди интегрираниот систем за ракетна одбрана кој мора да биде интероперабилен. Источните сојузници упатија порака за засилено присуство на сојузничките војски во нивните земји, особено на американската војска”, потенцира Хасановиќ.

Додека Русија користи НВБО како хибридни воени алатки за влијание, Кина користи приватни или државни компании за да го прошири своето влијание во областите на економски и технолошки инвестиции во критичната инфраструктура, како што се 5G и Иницијативата Појас и Пат.

„Во таа насока, беше истакната потребата од користење на двојниот пристап во односите со Кина. Генералниот заклучок е дека Кина преставува трговски партнер, но и стратешки ривал за ЕУ, но исто така говорниците ја потенцираа потребата од голема внимателност со кинеските инвестиции во критичната инфраструктура и се поголемата политичка зависност на државите од евтините кинески кредити”, вели Хасановиќ.

На форумот е потенцирана потребата за засилено присуство на САД во Европа и враќање на американското лидерство, со цел зајакнување на трансатлантската врска помеѓу двата континента. За таа цел, САД веќе испратија 4 уништувачи во Црното Море, а се планира да испратат уште дополнителни 2 во наредниот период со цел контрола на поморските патишта и зајакнување на Европската безбедност. 

Христијан Станоевиќ

Слично

Поврзани вести