Анализа со Бошњаковски: Моќта на политичките елити ќе крахира со изгубениот легитимитет и економската криза
Политичките елити одново го запоседнаа јавниот
простор со хибридна политичка криза која го доведе во прашање легитимитетот на
претстојниот политички изборен период. Можеби ваквите „драмски“ потези беа
вообичание во минатото но, сега кога целиот фокус треба да биде ставен на
добивање на битката со корона вирусот се чини дека судирите на политичките
партии беа најмалку потребни и тоа за одржување на парламентарните избори кои
се неизбежни. Фактор анализира со Владимир Бошњаковски магистер по меѓународно
право и дипломатија, адвокат и консултант за стратегија и преговори, за
обезглавувањето на институциите и целосното препуштање на политичката волја на партиите
или попрецизно на нивните лидери. Бошњаковски вели дека криза е кога старото
умира, а новото не може да се роди“, несомнено е дека старото е при крај,
прашање е што ќе биде новото. Настрана од актуелните политички препирања, не
очекува посилен ефект на економската криза наесен, а со тоа и многу потежок
предизвик за политичките раководства.
Фактор: Состојбата на политичка криза за нас е веќе видена и ако не дојде до таква блокада на системот каде единствено партиите си даваат на себеси улога дека само тие може да ја решат ситуацијата прави всушност институциите да бидат обезглавени, излишни. Драстично паѓа довербата најпрво во институциите, но дали овој модел може уште долго да го „цедат“ актуелните политички гарнитури?
- Нашата држава континуирано влегува и излегува во политички кризи почнувајќи од 2014 година па навака. Секоја од тие кризи зададе сериозен удар на довербата и моќта на институциите на државата.
Бомбите, ја покажаа слабоста на нашиот безбедносен систем, но и нефункционалност на клучните правосудни и управни тела. Одбивањето на тогашната опозиција да учествува во системот и вадењето на политичките процеси на улица, покажа колку е лесно за големите политички субјекти да го „бојкотираат“ системот кога тој не им одговара – нешто кое денешната опозиција го копира. Лидерските средби и Пржино покажаа колку се неважни демократските институции, додека начинот на донесувањето на Договорот од Преспа покажа колку се неважни демократските процедури.
Кога падот на СЈО ја уби надежта дека во оваа држава може да има правда, мислевме дека сме го допреле дното. Но, тогаш дојде Корона Кризата, која што на најгруб можен начин ги покажа слабостите на системот какo: немањето контрола врз целата територија на државата, немоќта на државата во очи на религиските и партиските групи, недисциплината на нашите граѓани, дебалансот на бенефициите помеѓу приватниот и јавниот сектор и слабостите на пржинскиот модел.
Денеска сме во предвечерието на последната фаза на процесот кој што не доведе до овде. Таа фаза ќе се отпочне од септември, а начинот на кој што ќе се одигра не зависи многу од протагонистите на оваа наша драма. Имено, до сега се соочувавме со серија на политички кризи, но ниту една од нив не беше пропратена со сериозна економска криза. Стабилната економска состојба им дозволуваше на политичките елити да ги мобилизираат и одржуваат своите бази, кои што се концентрирани во јавниот сектор и економската олигархија. Во претстојната економско-политичка криза тоа веќе нема да биде возможно. Така, покрај легитимитетот (кој што веќе е изгубен), ќе крахира и моќта на моменталните политички елити. Моменталниот политички систем, ќе стане неповолен, дури и за тие што имаат највеќе корист од него.
Ако е точна дефиницијата дека „криза е кога старото умира, а новото не може да се роди“, несомнено е дека старото е при крај, прашање е што ќе биде новото, вели Бошњаковски за Фактор.
Фактор: Од одредување на датум за избори се создаде целосна хистерија, сплетки и досетки преку Дерковски во ДИК, „мудр“ префрлање на топката од страна на спикерот Џафери, делумно инаетење од Бихаќка дека датумот бил бетониран па се до неразбирливо ескивирање од страна на Мицкоски во Белата палата за рокот на изборите да се помести за десетина дена. Што сите овие актери се надеваат дека ќе добијат од политичката играрија?
- Кога станува збор за политичките интереси, бетонираните датуми и строгите правни норми секогаш стануваат многу еластични. Политичката игранка околу датумот беше делумно реална калкулација, делумно суета и недоверба помеѓу партиските лидери.
На нивото на реалната политика, главна компонента на калкулацијата и на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ беше убедувањето дека: „што подолго трае здравствената и економска криза, толку полош ќе биде рејтингот на владејачката партија.“ Следствено на тоа, СДСМ сакаше што побрзо да се организираат избори односно додека брановите на Корона Кризата не ги потопат тотално нивните аргументи за реизбор како: влезот во НАТО, отпочнувањето на преговорите со ЕУ и релативно добриот старт во справување со кризата, кој за жал заврши со фијаско.
Од токму истите причини, на ВМРО-ДПМНЕ му одговараше изборите да бидат што подоцна. Сепак, нивната калкулација беше малку изместена поради тоа што ВМРО-ДПМНЕ е de facto малцински партнер во владата. Така на пример, покрај тоа што јавно го критикуваат, на СДСМ доста удобно им дојде што можеа да ја поделат вината за големите бројки со шефот на МВР, Наќе Чулев.
Позицијата на ДУИ на овие избори е многу комплексна и специфична. Да не заборавиме дека во 2016-та, тие беа гледани како помалиот брат во „режимот“ и не беа пратени во опозиција, само затоа што ова не беше возможно. Денеска се чини дека нивните противници секој ден се подобро организирани и пообединети. Така, ДУИ има интерес за што побрзи избори, но не без учество на најголемата македонска партија. Така, тие знаат дека секој ден нивниот рејтинг релативно слабее, но истовремено знаат дека избори без учество на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде „преведено“ во нивна многу слаба позиција во парламентот. Тоа ќе му овозможеше на Заев лесно да направи влада сам или со некоја од другите албански партии. Имено, и самата кампања „Pse jo?“ е сериозен знак на слабост на ДУИ односно обид тие да се наметнат како единствен легитимен претставник на албанците во Македонија, па затоа и задолжителен партнер во било која влада. Но, овој наратив за монопол во албанскиот блок е веќе невозможен, затоа што ДУИ контролира едвај една четвртина од албанскиот електорат, анализира Бошњаковски.
Фактор: Што е најпаметно да се направи сега, може ли да се избегне политичката криза со цел фокусот да биде ставен на справување со здравствената и економската криза и кога е најдобро да се одржат изборите секако со нивно легитимирање од сите политички чинители?
- Изборите се веќе фиксирани. Мое мислење е дека граѓаните треба да се надеваат на јасен победник, без разлика кој ќе биде тој. Ова е со цел да се елиминираат тензиите и неизвесноста околу формирањето на новата влада. Што побрзо го направиме тоа, толку побрзо ќе добиеме институции со легитимитет да носат одлуки односно ќе ја напуштиме оваа контрадикторна состојба на Пржинска Влада. Затоа сум и против секакви идеи за широки коалиции или влади. Треба јасно да се знае кој ги има овластувањата во оваа држава, затоа што само така ќе може да се знае и кој ја сноси целата одговорност, заклучува Бошњаковски.
Х.С.