Амнестирани и пуштени од притвор вечерва поопуштено ќе ја дочекаат Новата година
Миле Јанакиески и Кири Божиновски, поранешните владини функционери, вечерва ќе ја дочекаат Новата година во кругот на своите најблиски откако по позитивно мислење од Специјалното јавно обвинитество добија дозвола обвинетите во случајот „Титаник“ да го продолжат судскиот процес од куќен притвор, наместо од истражниот затвор во Шутка.
Новогодишната ноќ во својот дом ќе ја дочека и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, кому мерката истражен затвор му се заменува со куќен притвор на предлог на СЈО за случајот „Империја“. Тој последен ја напушти ќелијата од сите преостанати обвинети во предметот.
Амнестија, според изгласаниот закон на 18 декември, добија 15-мина обвинети и на нив им се симнува голем товар за празникот. Меѓу оние кои повеќе не се обвинети за настаните од 27 април во Собранието се петмина пратеници, двајца вработени во кабинетот на претседателот Ѓорѓе Иванов како и организаторите на протестот „За заедничка Македонија“ - Богдан Илиевски, Борис Дамовски и Владо Јовановски.
