Амди Бајрам: Требаше во 1996 да бидам градоначалник на Скопје
Амди Бајрам, предложен за кандидат за претседател на Македонија преку Сојузот на Ромите (СРМ), за 1Тв рече дека ќе учествува во претседателските избори со собрани 10.000 потписи кампањски преку социјалните мреќи, но и дека е можно тоа да го стори и со поддршка од 30 пратеници од македонското Собрание.
- Кога сум се кандидирал за пратеник во Собрание секогаш сум победувал, а во 1996 бев морален победник во изборите за градоначалник на Скопје. Тогаш од 19 кандидати бев четврти. Ме гласаа 28.000 граѓани, исклучиво Роми. Јас требаше да бидам градоначалник, затоа што тие пред мене не добија процентуално толкава подршка во своите заедници - македонската и албанската - рече пратеникот кој е во коалиција со владеачкото мнозинство.
Вели дека неговата предност во однос на останатите кандидати ќе биде поголемото политичко искуство како и желбата да ги поврзе подобро сите етнички заедници. За тоа што бил во коалиции каде што се поддржувале погрешни политики вели дека тоа е секогаш меч со две острици и дека секогаш претендирал да биде со власта за на тој начин да делува во корист на ромскиот народ, додека инаку во опозиција тоа не би можел да го направи.
-Политиката е нож со две острици. Јас секогаш сум објективен. Кој е на власт, ја сум бил со вас. На мојот народ мора да им помогнам на некој начин, а од опозиција не би можел да помогнам.
За тоа дали смета дека има шанса да победи и што го прави порзличен, вели дека искуството си го прави своето.
- Јас сум најстар пратеник во парламентот на Македонија со мандати. Искуство имам доволно и сакам да го спојам граѓанството од сите националности, да го спојам народот затоа што Република Северна Македонија оди наскоро во НАТО, па се отвора вратата за Европа и тоа е визијата на мојата политичка партија. Јас сум комуникативен, „ластик-систем“, со секого се поздравувам и битно е да се учествува и да остане во историјата. Името да остане вечно, дека постоел Ром кандидат, вели Амди Бајрам.
