АМБАСАДОРИТЕ НЕ СЕ ОТПОВИКАНИ, ИМ ЗАВРШУВА МАНДАТОТ: МНР појаснува дека е редовна процедура
Неколку дипломатски претставници наскоро ќе ги завршат
своите мандати, но спротивно на одредени медиумски извештаи, тие не се
отповикани, туку се известени преку официјалниот интерен комуникациски систем
на Министерството за надворешни работи, информираат оттаму. Од МНР појаснуваат дека станува збор за редовна
процедура, а конечната одлука за нивното отповикување ќе ја донесе
Претседателот на државата.
Во однос на вестите објавени од некои портали, Министерството демантира дека веќе е спроведено отповикување на амбасадори и нагласува дека информациите не соодветствуваат со реалната состојба.
— Во наредниот период се очекува Претседателот да ги потпише указите за нивно отповикување, но досега девет амбасадори се само известени за завршување на нивниот мандат — велат од МНР.
Дополнително, Министерството укажува дека комуникацијата со дипломатско-конзуларните претставништва се одвива исклучиво преку заштитен интерен систем, а не преку електронска пошта. Во врска со неодамнешните наводни протечени документи во јавноста, МНР информира дека веќе поднело пријава до Секторот за компјутерски криминал при МВР за расветлување на случајот.
-Во однос на постапката за отповикување на определен број амбасадори, информираме дека Министерството е во редовна и континуирана комуникација со Кабинетот на Претседателот на државата. Преку официјалниот интерен комуникациски систем, досега девет амбасадори се известени за завршувањето на нивниот мандат. Во наредниот период се очекува Претседателот да ги потпише указите за нивно отповикување, велат од МНР.
Министерството нагласува дека целата институционална координација и комуникација, вклучително и онаа со дипломатско-конзуларните претставништва, се одвива исклучиво преку заштитен интерен систем, а не преку електронска пошта.
Оттаму укажуваат дека во последниот период на социјалните мрежи и во некои медиуми зачестено се појавуваат фабрикувани и неточни фотографии од наводна е-маил комуникација меѓу вработени во Министерството.
-Со цел расчистување и соодветно процесуирање на овие појави, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија веќе достави пријава и побара интервенција од Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи, велат од Министерството.
фото: МИА
