Економија, финансии, бизнис

Контакт

Амбасадорите на Шведска, Холандија и Словенија се против нови избори

Амбасадорите на Шведска, Холандија и Словенија се против нови избори

Амбасадорите на Кралството Швeдска, Кралството Холандија и на Република Словенија сe со став  дека изборите во декември биле коректни и фер и дека имаат чист резултат, кој според нив можеби предизвикал мал политички земјотрес. 

Тие сметаат дека нема потреба од организирање нови парламентарни избори туку е потребно да се имплементираат разултатите од веќе одржаните.

„Не гледам потреба од нови парламентарни избори, тука се резултатите од изборите одржани во декември минатата година и нема причина за повторување. Во моментов се случува доста тежок процес за трансфер на власта, но тоа е демократија и за тоа треба да разговараат политичките партии меѓусебе“- вели Милан Јазбец, амбасадор на Република Словенија во Македонија.

Јазбец исто така напомена дека локалните избори треба да се спроведат што е можно поскоро за општините да продолжат со нормална работа како и за да се одржи демократскиот дух во земјата.

Амбасадорите сметаат дека нови избори можат само да ја загрозат стабилноста во државата.

„Ние како меѓународна заедница сметаме дека нема потреба од повторување на изборите одржани во декември бидејќи доколку повторно има избори државата ќе се најде во екстремна конфронтација што дефинитивно не е добро за стабилноста. Солуцијата е во конституирање на новата влада“ - рече амбасадорот на Шведска, Матс Стафансон.

Амбасадорите се убедени дека нови избори само би ја пролонгирале политичката криза во Македонија, која и веќе предолго трае. Тие велат дека треба што побргу да се организираат локалните избори бидејќи, како што велат, тоа е добро за економијата на државата. 

Слично

Поврзани вести