„Аман веќе не е само израз на фрустрација - тоа е крик за достоинство“: Милески со остра критика по извештајот на Вајц
Го читам извештајот на Вајц за Македонија и, искрено, сам си се смеам - ама тоа е горчлива смеа. Во ред по ред, истата реторика: „реформи“, „потреба од напредок“, „зајакнување на институциите“, „борба против корупцијата“, „усогласување со европските стандарди“. Сè нешто не чини, сè нешто недостасува, сè нешто треба дополнително да се исполни. И човек се прашува - има ли крај на оваа бесконечна листа услови? Или таа листа расте токму затоа што никогаш не е замислена да заврши?
Ова го напиша на својот фејсбук профил, Роберт Милески, наш бизнисмен кој живее и работи надвор од Македонија, но кој често се осврнува на политички случувања во земјава.
- Не е спорно дека на Македонија ѝ требаат реформи. Секоја држава има потреба од подобрување на системот, од владеење на правото, од функционални институции. Но проблемот е во тоа што извештаите, како овој на Вајц, постојано зборуваат за симптомите, а никогаш за причините. Никогаш не се отвора суштинското прашање: кој ја доведе Македонија во ситуација на постојана неизвесност, блокади и условувања? Кој ги менува правилата среде игра? Кој поставува нови барања откако старите ќе бидат исполнети?
Со години слушаме дека „само уште ова“ е потребно за напредок. Само уште еден договор, само уште една уставна измена, само уште едно прилагодување. И секогаш, кога ќе се направи чекор напред, некој од европските центри на моќ пронаоѓа нова пречка. Наместо јасна и предвидлива патека, Македонија добива лавиринт. Наместо принципиелност - политичка калкулација. Наместо солидарност - прагматичен интерес - посочува Милески.
Потоа додава „малите држави често се третираат како фигури на шаховска табла. Ако не покажат дека имаат став, лесно стануваат монета за поткусурување. А Македонија предолго игра улога на држава што постојано попушта со надеж дека некој ќе го цени тоа“.
- Прашањето е: дали навистина се цени? Или се создава впечаток дека колку повеќе попушташ, толку повеќе ќе ти се бара?
Една држава не мора да биде агресивна за да биде цврста. Но мора да има јасна стратегија. Мора да знае што прифаќа, а што не. Мора да знае каде се границите на компромисот. Компромисот е дел од политиката, но компромис без крај и без гаранции не е компромис - туку капитулација на рати.
Доста е Македонија да биде третирана како проблем што треба да се менаџира, наместо како партнер што треба да се почитува. Доста е секој извештај да биде полн со укори, а празен од саморефлексија на европската страна. Ако Европската Унија навистина сака стабилен и кредибилен регион, тогаш мора да покаже дека правилата важат за сите и дека ветувањата се исполнуваат.
„Аман веќе“ не е само израз на фрустрација - тоа е крик за достоинство. Не станува збор за изолација, ниту за напуштање на европската идеја. Станува збор за тоа Македонија да престане да се однесува како вечен кандидат што моли за внимание, и да почне да се однесува како држава што знае што сака и што заслужува - нагласува Милески.
На крајот истакнува дека „почитта во меѓународните односи не се добива со бескрајно прилагодување. Таа се гради со принципи, со доследност и со јасен став. Ако не ги поставиме самите границите на нашето трпение, некој друг ќе ги помести уште подалеку“.
- И можеби токму тоа е суштината на пораката - не да бидеме „бесно куче“, туку држава што повеќе нема да дозволи да ја газат и черечат кој ќе стигне. Држава што ќе знае да каже: доста е - заклучува на крајот од својата обајва.
Еве го целото негово обраќање:
Слично
