Алтернатива: Министерот Азир Алиу си го поставил зетот за шеф на кабинет
Алтернатива, партијата предводена од Африм Гаши, денеска преку соопштение побара оставка од министерот за информатичко општество Азир Алиу, но и оставка на неговиот партиски претседател во Алијанса за Албанците - Арбен Таравари, откако како што стои во реакцијата - си го поставил зетот за шеф во неговиот министерски кабинет.
„Пред неколку дена, лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари рече дека „ако се потврди дека Министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, го има вработено неговиот зет за шеф на неговиот кабинет, ќе се повлече самиот тој, или ќе го разреши министерот Алиу“. Податоците на Министерството за информатичко општество и администрација покажуваат дека Дритан Даути е вработен како посебен советник- Шеф на Кабинетот на министерот за информатичко општество и администрација. Бидејќи се покажува дека е точно, дека министерот Алиу го има вработено својот зет за шеф на неговиот кабинет, за кој јавно пред медиумите призна дека му е зет, тогаш бараме од Таравари да си го одржи ветувањето и да даде своја оставка или пак да го разреши министерот Алиу“, соопшти Алтернатива.
Од таму додаваат дека ова е јасен случај на непотизам и побараа реакција и од Државната комисија за спречување на корупција. Од Алтернатива додаваат дека со ваквото владеење, Алијанса за Албанците учи од коалициониот партенр ДУИ.
Доволно е да се види изразот на лицето на министерот Алиу на прашањето дали го има вработено неговиот зет како шеф на кабинетот за да стане јасно во какво дереџе е падната Алијансата за Албанците, стои во соопштението од партијата на Африм Гаши.
