Алтернатива бара до 31 август да се работи во недела заради иселениците
Алтернатива и предлага на Владата, заради поголема заработка на локалните мали бизниси во текот на летото кога се враќаат иселениците, да дозволи да се врати работното време во недела до 31 август.
„Затоа, ние како Алтернатива, врз основа на измените на Законот за трговија и Законот за работното време, ù предлагаме на Владата да ги земе предвид трговците и еснафот и економската криза што ги зафати. Бараме Владата да донесе одлука за да дозволи работење во недела и за време на државните празници во текот на летната сезона, односно од 1 јули до 31 август.
Сметаме дека ваквиот чекор неизмерно ќе им помогне на малите бизниси, но и на иселениците за време на нивниот престој во земјава.
Алтернатива отсекогаш била блиску до иселениците, до нивните потреби и барања, а тоа го докажавме со многу иницијативи и проекти за време на раководењето со Министерството за иселеништво.
Сметаме дека Владата на Северна Македонија треба да направи сè што е во нејзина надлежност за да ù помогне на дијаспората, но и да создаде услови иселениците да го помогаат локалниот бизнис“ бара Алтернатива.
