АЛТА БАНКА ЈА СТОПИРАШЕ ОДЛУКАТА ЗА КАДИЕВСКА ВОЈНОВИЌ - поранешната вицегувернерка сепак нема да биде дел од УО
Некогашната вицегувернерка Маја Кадиевска Војновиќ, иако беше изгласана за иден член на Управниот одбор на Стопанска банка Битола - денес АЛТА банка, сепак, нема да влезе во управното тело на оваа институција.
Согласно најновите информации, кои компанијата ги сподели на Македонска берза, одлуката за влез на Кадиевска Војновиќ во УО на банката е стопирана, а функцијата до комплетирање на управниот одбор ќе ја врши Даниела Ѓоршевска.
- АЛТА банка АД Битола известува дека на ден 17.12.2025 година, со Одлука донесена на Надзорен одбор на Банката, ставена е вон сила Одлуката за именување на нов член на Управен одбор на Банката за г-ѓа м-р Маја Кадиевска Војновиќ.
До комплетирање на составот на Управниот одбор на Банката и до истекување на мандатот, г-ѓа м-р Даниела Ѓоршевска ќе продолжи да ја извршува својата функција член на Управниот одбор на Банката - се посочува во објавата која од компанијата ја проследија до Македонска берза.
Инаку Кадиевска Војновиќ, беше предложена и изгласана за член на УО на Стопанска Банка Битола, која беше преземена од српската АЛТА Банка, откако членот на Управниот одбор, г-ѓа м-р Даниела Ѓоршевска поднесе писмена оставка од функцијата член на Управниот одбор на Банката.

Кадиевска Војновиќ е позната во македонската јавност како некогашна вицегувернерка и професорка на Американ колеџ, таа беше и дел од Извршниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ, а на почетокот на минатата година беше назначена за член на Надзорниот одбор на операторот на платниот систем КИБС (Клириншки интербанкарски системи АД Скопје).
