АЛТА БАНКА ГОДИНАВА НЕМА ДА ДЕЛИ ДИВИДЕНДА – добивката ќе се чува за покривање загуба или за зголемување на главнината
АЛТА банка АД Битола во 2025 година оствари нето-добивка од 40,60 милиони денари односно околу 660.000 евра, што претставува значително намалување во однос на претходната година кога добивката изнесуваше 163,17 милиони денари или околу 2,65 милиони евра.
Банката предлага оваа добивка во целост да биде задржана и да не се исплати како дивиденда на акционерите.
- Во согласност со споменатите членови, добивката по оданочување во износ од 40.601.054 денари се предлага да се распореди во акумулирана добивка ограничена за распределба на акционерите, која не може да се искористи за исплата на дивиденда, а може да се искористи за покривање на загуба или за зголемување на основната главнина со запишување акции – се наведува во документот објавен на Македонска берза.
Според предложената одлука, средствата ќе бидат евидентирани како акумулирана добивка ограничена за распределба, што значи дека тие не можат да се користат за исплата на дивиденда, туку исклучиво за покривање евентуални загуби или за зголемување на основната главнина преку издавање акции.
Од Банката наведуваат дека ваквата распределба е во согласност со регулативата за адекватност на капиталот, според која овој износ се третира како безусловно неповратен и не може да биде предмет на откуп, повлекување или исплата.
Предлог-одлуката за употреба на добивката била разгледана и одобрена од Надзорниот одбор на редовна седница одржана на 22 април 2026 година, по што се предлага да биде усвоена и од Собранието на Банката.
Инаку Банката посочува дека нмалувањето на добивката се случува во услови кога банката водела попретпазлива кредитна политика, со фокус на подобрување на квалитетот на кредитното портфолио и засилена наплата на нефункционалните пласмани.
Оперативните приходи во 2025 година изнесуваат 421,43 милиони денари (околу 6,85 милиони евра) и бележат пад од 17,05 отсто на годишно ниво, додека оперативните расходи достигнуваат 400,63 милиони денари или околу 6,51 милиони евра, што е зголемување од 2,54 проценти. Како резултат на тоа, оперативниот резултат се намалува на 20,81 милиони денари односно на околу 338.000 евра, што е пад од над 82 проценти во однос на 2024 година.
Нето-приходите од камати, кои имаат најголемо учество во вкупните приходи, изнесуваат 359,90 милиони денари (околу 5,85 милиони евра) и се намалени за 22,20 отсто или за 102,70 милиони денари (околу 1,67 милиони евра).
- Намалувањето доаѓа како резултат на пониски приходи од камати, кои изнесуваат 146,44 милиони денари помалку (околу 2,38 милиони евра), како и намалени расходи за камати од 43,74 милиони денари (околу 711.000 евра), што е поврзано со пониските каматни стапки и намалените депозити од финансиски друштва – се посочува во објавата на Македонска берза.
Нето-приходите од провизии и надоместоци се намалени на 64,07 милиони денари односно на околу 1,04 милиони евра, со што е забележанпад од 33,17 проценти, главно поради пониски приходи од кредитирање, картично работење и платен промет. Истовремено, нето-приходите од курсни разлики остануваат стабилни на ниво од 19,57 милиони денари или на околу 318.000 евра.
- Останатите приходи од дејноста бележат благ раст од 5,15 отсто и достигнуваат 29,04 милиони денари (околу 472.000 евра), најмногу поради повисоки приходи од дивиденди. Трошоците за вработени се намалени за 2,82 проценти и изнесуваат 184,36 милиони денари (околу 3 милиони евра), што се должи на намален број на вработени – се посочува во објавата.
Останатите расходи од дејноста и амортизацијата се зголемени и достигнуваат 246,49 милиони денари (околу 4 милиони евра), при што растот е поврзан со повисоки трошоци за одржување, маркетинг и примена на МСФИ 16, кој влијае врз амортизацијата на средствата под наем.
И покрај намалувањето на приходите и оперативниот резултат, банката ја завршува годината со позитивен финансиски резултат, при што бруто-добивката изнесува 660.000 евра, а данок на добивка не е пресметан за 2025 година.
П.О.