Економија, финансии, бизнис

Контакт

„АЛО, ЦУК, ПРОЗОРОТ ВО КОЛАТА НЕ МИ СЕ ЗАТВОРА“: Еве кои повици ја одбележаа годината на бројот за итни повици 112

„АЛО, ЦУК, ПРОЗОРОТ ВО КОЛАТА НЕ МИ СЕ ЗАТВОРА“: Еве кои повици ја одбележаа годината на бројот за итни повици 112

Речиси една од најинтересните теми на крајот на секоја година се гафовите при работа со кои се соочуваат вработените во Центарот за управување со кризи. 

Како единствен телефонски број за помош, на бројот 112 секојдневно вртат голем број граѓани, што изминатиот период изнесуваше дури и 2.000 повици.

Од нив, секако дека не се сите реални, туку има и такви кои се јавиле по грешка или пак затоа што немале каде да се јават.

„Фактор“ во разговор со ЦУК, ви ги открива најсмешните телефонски повици со кои се соочиле телефонските оператори во центарот.

Вработен во ЦУК, добил повик со кој едно лице пријавил грабеж. При објаснувањето за која локација станува збор, операторот всушност сфатил дека тоа е неговата адреса на живеење. Живеел во мала новоизградена зграда, со по неколку станови, а соседите се уште ги немал запознаено. Не само што бил ограбен станот на неговиот сосед, туку бил ограбен и станот на вработениот во ЦУК. Грабежот бил извршен однадвор, односно, крадците успеале да влезат преку тераса.

Најинтересни за телефонските оператори се постарите лица, кои се јавуваат на 112 само за да дознаат колку е точното време.

„Нашиот оператор во такви случаи се обидва да им објасни дека во аголот на некој од тв каналите има точно време каде што можат да се информираат“ велат од ЦУК.

Германски турист кој бил сместен во хотел, успеал да се заглаи во тоалетот од собата во која што бил сместен, па откако се јавил на 112, едвај успеал да објасни што му се случило. Екипите на ЦУК не успеале да откријат за кој хотел станува збор, бидејќи објектот штотуку сменил име, адреса и сопственик. За среќа еден од колегите на телефонскиот оператор се сетил за кој објект станува збор, па се јавил на поранешниот сопственик кој веднаш ускокнал во помош.

Исто така добиле пријава за непрописно паркирано возило. Жена се јавила да го пријави возилото, заради кое жителите на зградата не можеле да влезат и излезат од објектот. Меѓутоа, кога од ЦУК ја замолиле да ги информира за каква марка на возило станува збор и за регистарски таблички, таа им рекла дека може да им ја каже само бојата на возилото, бидејќи „ја мрзело“ да се симне долу. 

Гастарбајтер кој се вратил за да си ја живее староста во земјава, поточно во Гостивар, наместо во АМСМ се јавил во ЦУК, за да им каже дека му се дупнала гума и дека прозорот од автомобилот не му се затвора и дека му треба помош на патот. Откако од ЦУК го информирале дека го згрешил бројот, човекот дури и го повишил гласот. сепак од ЦУК го упатиле каде да се јави, по што човекот им се заблагоддарил на љубезноста.

Од ЦУК велат дека работат многу посветено и во сектори за кои тие не се надлежни, а понекогаш за помош, потребно е малку повеќе време.

„Ако некаде падне дрво, ние не можеме веднаш да ускокнеме. Мора да ги информираме надлежните општини, па оттаму да испратат екипи кои ќе го тргнат дрвото“ велат од ЦУК и додаваат дека секогаш, секому се обидуваат да му помогнат во најбрз можен рок.

Д.Т.

Слично

Поврзани вести