„АЛКАЛОИД“ ПОВТОРНО СО ХУМАНО ДЕЛО – ЌЕ ГО СТИПЕНДИРА ХРАБРИОТ ЈОВАН КОСТАДИНОВ ОД ВИНИЦА: Херојството и човечноста заслужуваат поддршка
Во моменти на големи трагедии, секогаш испливуваат
вистинските херои – луѓе кои без двоумење ги ризикуваат своите животи за да спасат
други. Еден од тие херои е 18-годишниот Јован Костадинов од Виница, кој со
својата несебична храброст во катастрофалниот пожар во Кочани успеа да спаси 21
млад човек. Неговото дело го потресе, но и го инспирира целото општество,
потсетувајќи нè дека вистинските вредности живеат во оние кои се подготвени да
направат разлика.
Препознавајќи ја неговата храброст, компанијата „Алкалоид“ се приклучува кон иницијативата за поддршка на Јован и ќе го стипендира со 18.000 денари месечно во наредните четири години. Оваа финансиска помош има за цел да му овозможи подобри услови за образование и да му ја олесни патеката кон успешна иднина.
Овој чин доаѓа веднаш по вчерашната значајна донација од 15 милиони денари што фармацевтскиот гигант „Алкалоид“ ја обезбеди преку Црвениот крст за помош на настраданите во пожарот. Со тоа, компанијата уште еднаш ја покажува својата длабока посветеност на солидарноста и општествената одговорност, вложувајќи во оние кои со своите дела го прават светот подобро место.
Гестот кон Јован е повеќе од финансиска поддршка – тоа е признание за неговата храброст и несебичност, но и порака дека вистинските херои не остануваат незабележани. Македонската јавност веќе го препозна како симбол на младешка сила и доблест, а сега, со оваа поддршка, му се дава можност да ја гради својата иднина со уште поголема сигурност.
„Алкалоид“ останува доследен на својата мисија да биде потпора за заедницата, поддржувајќи ги оние кои со своите дела нè инспирираат сите.
