Алиу: Веднаш ќе потпишам да ми бидат донирани органите по мојата смрт
Министерот за здравство Азир Алиу во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“ откри дека се подготвува целосно нов закон кој првпат ќе ја регулира можноста човечкото тело по смртта да биде донирано за едукативни и научни цели, односно за практична настава по анатомија на медицинските факултети.
Една од најзначајните реформи, според него, е новиот Закон за донорство, кој наскоро ќе биде доставен во Собранието. Со него секој граѓанин ќе може сам, додека е жив, да се изјасни дали сака да биде донор на органи, преку својот матичен лекар.
„Кај нас листите за чекање за органи се многу долги, во моментов над 150 пациенти чекаат орган за поквалитетен живот. Од друга страна, бројот на семејства кои одлучуваат да ги донираат органите од нивните блиски по смртта е премногу мал. Нашата анализа покажа дека семејствата се соочуваат со огромен стрес и шок во тие критични 24 часа кога треба да донесат таква одлука, а тука е и недоволната информираност“, рече Алиу.
Тој додаде дека при подготовката на законските измени биле консултирани и верските заедници, кои позитивно ја оцениле иницијативата.
„Многу е подобро јас и вие, додека сме живи, самите да одлучиме за нашето тело и за нашите органи, отколку тој товар да им го оставаме на роднините во најтешките моменти. Јас лично ветив дека во моментот кога системот ќе биде подготвен и законот ќе помине, ќе бидам првиот што ќе го пополни формуларот за донорство. Убаво е и по нашата смрт дел од нашите органи да продолжат да живеат и да му помогнат на некој друг“, порача министерот.
