Алиу: Доставени осум случаи со можни злоупотреби при кардиолошки интервенции
Министерот за здравство Азир Ализу денес објави дека се пристигнати осум случаи на можни злоупотреби од финансиски мотиви при кардиолошки и кардиоваскуларни интервенции во приватното здравство и дека за тоа е формирана специјална комисија за да ги испита наводите.
Тој додаде дека никој нема да биде заштитен, ниту од јавното, ниту од приватното здравство, ако се докаже дека бил вклучен во извршување интервенции за кои не постои медицинска оправданост. Во исто време, како што вели министерот, никој нема да биде стигматизиран без докази.
- Пред неколку недели јавноста беше вознемирена од информации за можни неправилности поврзани со дел од кардиохируршките интервенции што се изведувале во здравствениот систем во нашата држава. Како Министерство за здравство веднаш постапивме и ја иформиравме јавноста за креирање интерна комисија составена од медицински експерти, правници и економисти. Нејзината задача е да ги утврди фактите и да постапува врз основа на медицински докази, според највисоки меѓународни стандарди и прецизни методолошки правила.
Сакам да ве информирам дека до Интерната комисија се доставени медицински досиеја за осум случаи. Комисијата ќе ги обработи сите детално, со цел да се утврди вистината врз основа на медицински факти.
Комисијата утре ќе се состане и овие досиеја ќе бидат првите случаи по кои ќе постапува.
Воедно, Министерството за здравство побара вонреден стручен надзор од Лекарската комора кој ќе биде во тек наредните денови .
Граѓаните сакаат и треба да бидат сигурни дека кога бараат здравствена услуга, ја добиваат врз основа на реална потреба и медицински докази, а не врз основа на паушални оценки или коруптивни мотиви, објави Алиу.
