Алијансата за Албанците повика на бојкот?
Алијансата за Албанците по синоќешниот состанок на партиските органи издаде соопштение во кое вели дека и двајцата претседателски кандидати - Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова, нема што да понудат во вториот круг, по што одредени албански медиуми ова го протолкуваа како повик за бојкот.
Партијата на Зијадин Села инаку вчера одлучуваше дали на одредена страна ќе му даде поддршка на 5 мај и ќе ги повика своите поддржувачи да гласаат за некого од нив. Инаку Блерим Река, зад кого Алијансата застана во првиот круг и за истиот гласаа безмалку 80.000, вчера се огласи во јавноста и ги повика своите симпатизери да „гласаат масовно во вториот круг за европската перспектива“.
„Рекламните спотови од двата кампуси на кандидатите се најдобар доказ за уставно-правната положба и нивото на почитување на елементарните човекови права, во конкретниот случај на Албанците во РСМ. Апелираме до двајцата кандидати да запрат со оваа валкана кампања на подобар или полош џелат и итно да престанат да ги емитуваат овие рекламни спотови. Наместо нивно емитување, јавно нека им се извинат на Албанците и да дадат гаранции дека тие никогаш нема да се повторат. Главниот непријател на концептот и стручната подготовка на професорот Река беше предрасудата. Нашиот главен сојузник е нашето право и реформи и нашите поддржувачи како гаранција на овој вистински пат. Вие почитувани граѓани сте нашиот суверен и наш партнер во градењето на достоинствен живот, затоа апелираме да го изразите својот суверенитет во недела. Ние заеднички во 2017 го деблокиравме патот на интеграцијата на земјата во НАТО и во ЕУ, победувајќи го режимот, заедно кажавме ДА, за НАТО и ЕУ на референдумот и уставните промени“, се вели во соопштението.
„Алмакос“ истовремено, повикувајќи се на дипломатски претставници, објави дека Алијансата за Албанците предводена од Зиадин Села ја отфрлила можноста да ги повика своите гласачи масовно да излезат в недела и да гласаат за концептот што нуди поголема европска перспектива. „Како резултат на тоа, постои сомнеж дека се заговара бојкот кај активистите на Алијансата, а ова е пожелно сценарио за Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, кои подоцна би се вратиле во игра со можната победа на Гордана Силјановска-Давкова“, пишува „Алмакос“.
