Економија, финансии, бизнис

Контакт

Али Ахмети верува дека Владата може да се смири со ИВЗ

Али Ахмети верува дека Владата може да се смири со ИВЗ

Реисот на Исламската верска заедница, Сулејман Реџепи, денеска ги избегна новинарите и не даде одговор дали има контакти со Владата по испратеното писмо со кое се бара враќање на имот и еднаков третман како со МПЦ или во спротивно „ќе се растурат односите во општеството“. Владата откако го објави ова писмо возврати дека нема да толерира вакви закани и дека е можно случајот да го пријави во обвинителството за ултимативна уцена.

Денеска лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пред медиумите рече дека тензијата во односите помеѓу ИВЗ и Владата може да се релаксираат.

- Пробемите да се решаваат со дијалог . Има простор да се разговара и не сметам дека треба да има некаков проблем помеѓу државните и верските институции - рече лидерот на владеачкиот коалиционен партнер.

Во првичниот допис до Владата ИВЗ укажува на „бавната, селективна и дискриминаторска денационализација на вакуфскиот имот на штета на ИВЗ" и се вели дека Заедницата има проблеми со органите на државната власт, „кои ја попречуваат во нејзината грижа и секојдневна активност за одржување на верските објекти".

„Особено сме засегнати со нерешавањето на статусот на верските објекти што се и културно наследство, тој во село Лажец, Битола, и Хусамединпашината џамија во Штип, која е заведена на име на друга верска заедница, како и реконструкцијата на Алипашината џамија во Охрид, за кој објект постои соодветна и важечка градежна документација со средства обезбедени со странска донација, која отежнато се користи поради бирократскиот однос на надлежните државни институции“, велат од ИВЗ.

ИВЗ ѝ даде на Владата рок од 10 дена за да најде решение за посочените проблеми, а „доколку тоа не се случи, со овие состојби и проблеми на ИВЗ ќе бидат запознаени сите надворешни фактори во земјава и медиумите.

Муслиманската верска заедница се заканува и дека пред почетокот на кампањата за претседателските избори „поради големиот притисок од страна на муслиманските верници ќе бидеме принудени во 700 џамии во земјава да ги информираме верниците за оваа долготрајна дискриминација што се врши кон ИВЗ и нејзините членови, со сите последици врз општествените односи во земјава", истакнаа од ИВЗ.

Таквиот чин министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го оцени како уценувачки со опасни и неточни работи.

„Сметаме дека заканите се неприфатливи од кого било да доаѓаат. Во случајов се работи за едно писимо на ИВЗ кое е сериозна уцена. Повикувам на сериозен пристап. Оваа Влада на чело со Зоран Заев покажа дека има сериозен капацитет за дијалог и разговор, во тој дух да разговараме со секого, но никако нема да дозволиме уцени од било кого“, изјави Спасовски.

Слично

Поврзани вести