Али Ахмети наместо во ДУИ, држи партиски состаноци во министерството за политички систем
Али Ахмети, претседателот на ДУИ, партиските состаноци наместо во некоја од канцелариите на „интегративците“, ги одржувал во Министерството за политички систем кое го предводи првиот вицепремиер Артан Груби.
Злоупотреба на државни ресурси, односно просториите на министерството, утврдила и Државната комисија за спречување на корупција, објави Алсат ТВ.
Ахмети во средата беше домаќин на грчката амбасадорка Софија Филипиду во кабинетот на Груби. Инаку, веќе подолг период Министерството за политички систем се претвори во скопска филијала на ДУИ. Во моментот кога Ахмети ќе реши партиски средби да одржува во Скопје, а не во Мала Речица, тогаш за локација за состаноците се бира државниот кабинет на Груби. Фејсбук профилот на Ахмети изобилува со фотографии од средби во оваа канцеларија, заедно со чешкиот амбасадор Јарослав Лудва, евроамбасадорот Дејвид Гир, поранешната шефица на бугарската дипломатија Теодора Генчовска, па дури и со пејачот Илир Шаќири.
Од ДКСК велат дека за тоа наредната недела ќе ја известат вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска, бидејќи таа е надлежна за прекршувањето на Етичкиот кодекс на избрани и именувани лица.
„Како начин на злоупотреба ние тоа го констатиравме по вашите дописи и дојави, но сепак ќе оставиме на кабинетот на заменик-премиерот задолжен за добро владеење да го реши тој проблем. Сепак, нивни се надлежностите и ќе доставиме соодветно известување“, рече Катица Николовска – член на ДКСК.
