Али Ахмети: Ќе пишува во учебници по историја дека Албанци гласале против Албанци
Али Ахмети, лидерот на ДУИ, му порача на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека нема што да бара во Кичево, каде што докторот Александар Јовановски ќе му се спротивстави на актуелниот градоначалник Фатмир Дехари во вториот круг од локалните избори во оваа општина, каде што победникот е неизвесен.
- Добро е Мицкоски кога повикува на гласање во Кичево. Да беше сега тука друг политичар на мое место, ќе употребеше националистичка реторика, но јас нема да се занимавам со тоа. Ќе му пратам само една порака на Мицкоски – Нека го заборави Кичево, Кичево е наше. Фатмир Дехари ќе биде нов градоначалник, рече Ахмети.
Според претседателот на „интегративците“, коалицирањето на Алијанса за Албанците и Алтернатива со ВМРО-ДПМНЕ значи дека „Албанци ќе треба да гласаат против Албанци“.
-Тоа е брак без никаква основа. Немаат концепт. Таа соработка нема иднина. Тоа е брак само за една употреба. Оваа коалиција ваква каква што е, каде Албанците гласаат против Албанци во Кичево, и на крај мислам дека ова ќе го пишува и во учебниците по историја, додаде Ахмети.
